• среда, 27 ноември 2024

Ќе се врши сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините за сообраќајката на патот Прилеп-Битола, како и обдукција на загинатите

Ќе се врши сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините за сообраќајката на патот Прилеп-Битола, како и обдукција на загинатите

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола во која утрово три лица го загубија животот, а едно е повредено.

Според првичните сознанија, како што соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, до несреќата дошло при судар на патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски ознаки и товорно возило „волво“ со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат.

Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатите, сите патници во автомобилот, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините, се појаснува во соопштението.

Три лица од Прилеп загинаа, а едно лице е повредено во тешката сообраќајна несреќа што утрово се случила околу 7:50 часот во судир на патничко возило и камион на магистралниот пат Прилеп-Битола, на излезот од градот, кај селото Лагово.

Тројцата загинати се од патничкото возило „тојота“ со прилепски регистерски таблички, а повредениот е од камионот. Во судирот патничкото возило се запалило, соопштија од СВР Битола.

- Сообраќајната  несреќа се случила помеѓу патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски ознаки управувано од Н.В.(42) од Прилеп и сопатници А.Р и Ф.Ј., сите од Прилеп и товарно возило „волво“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.Р.(51) од Битола. Во несреќата патничкото возило се запалило и на местото починале тројцата патници. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош Прилеп, информираат од СВР Битола.

Магистралниот пат се уште е затворен за сообраќај, а увид на местото на несреќата прават полицијата и јавен обвинител.

- Како медицинска екипа констатиравме смрт на три лица, сите од патничкото возило „тојота“. Повредениот од камионот итно е пренесен во Општатата болница во Прилеп со телесни повреди, изјави Боше Милошески, началник на Итната медицинска помош од Прилеп, кој беше на увид на местото на сообраќајката.

Повеќе од час и половина екипите на прилепската противпожарна единица интервенирале за да го изгаснат пожарот.

-Во 7:45 часот изутрината добивме пријава за камион, кој гори на патот Прилеп - Битола, кај селото Лагово. Кога дојдовме на местото видовме дека не гори само камион, туку и патничко моторно возило, односно се случила сообраќајна несреќа. За да го изгаснеме пожарот интервениравме со пет возила и 12 пожарникари. Го обезбедуваме просторот, има бензин, нафта истечено. Станува збор за хибридно возило во сообраќајката со литиумски батерии, изјави Виктор Стојчески, заменик- момандир на ТППЕ- Прилеп.

Магистралниот пат Прилеп - Битола од 8 часот изутрината е затворен за сообраќај. Сообраќајот се одвива по алтернативни патишта. цр/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан