• четврток, 26 декември 2024

Ќерката на Ален Делон поднесе тужба против браќата

Ќерката на Ален Делон поднесе тужба против браќата

Париз, 29 март 2024 (МИА) – Ќерката на францускиот актер Ален Делон, Анушка ги тужеше своите двајца браќа за нарушување на приватноста по емитувањето на разговор меѓу неа и нејзиниот татко, соопшти денеска парискиот суд и додаде дека судењето ќе се одржи во април 2025 година.

На синовите на легендата на француската кинематографија, Ентони (59) и Ален-Фабиен (29), ќе им се суди за „употреба, складирање и откривање документ или снимка добиена со повреда на приватноста“.

Двајцата се обвинети дека го снимиле разговорот на Анушка (33) со нејзиниот татко на 5 јануари 2024 година, без нејзино знаење, во неговата резиденција на околу 100 километри јужно од Париз.

Два дена подоцна, браќата го објавија аудио разговорот на нивните профили на Инстаграм, со напомена дека тоа е снимка од разговорот меѓу Ален Делон и неговата ќерка.

На видеото може да се слушне женски глас како му се обраќа на маж кого го нарекува „тато“.

- Те сметаат за морон, а мене за идиот кој манипулира со својот татко, вели женски глас.

Децата на славниот Делон од јануари се караат во медиумите, но и на суд за негата на 88-годишниот актер.

Синовите, Ентони и Ален-Фабиен, веруваат дека тој е изманипулиран од нивната сестра, која наводно од нив ја криела здравствената состојба на Делон.

Ентони Делон рече дека неговата сестра сака да го пресели својот болен татко во Швајцарија, каде што живее, за да не мора еден ден да плаќа голем данок на наследство.

Анушка од своја страна ги критикува браќата дека наводно го загрозиле животот на актерот и тврди дека сакала да го однесе нејзиниот татко во Швајцарија за да продолжи да се лекува таму.

Ентони Делон рече дека неговиот татко претходно изразил желба да ги живее старите денови на неговиот имот и еден ден да биде погребан на имотот.

Како што претходно објавија француските медиуми, Делон имал мозочен удар во 2019 година, а пред неколку месеци било откриено дека има лимфом. Актерот е под судско старателство од крајот на јануари поради неговото кревко здравје, а во позадина се несогласувањата меѓу неговите деца.

Легендарниот Делон ја доби почесната Златна палма на 72. Меѓународен филмски фестивал во Кан во мај 2019 година и оттогаш не е виден во јавноста. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан