• сабота, 23 ноември 2024

„Њујорк тајмс“: Трамп може предвремено да ги помилува Трамп помладиот, двете ќерки и зетот советник

„Њујорк тајмс“: Трамп може предвремено да ги помилува Трамп помладиот, двете ќерки и зетот советник
Вашингтон, 2 декември 2020 (МИА) - Актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, разгледал можност за предвремено помилување на четворица свои блиски, по претходните најави дека тоа се подготвува и за личниот адвокат Руди Џулијани. „Њујорк тајмс“ дознава дека се работи за Доналд Трамп-помладиот, ќерките Ерика и Иванка Трамп и сопругот на Иванка, Џаред Кушнер, советник во Белата куќа. Трамп -помладиот беше под истрага на обвинителот Роберт Малер поради тоа што со Русите споделил штетни информации за Хилари Клинтон, противкандидат на Трамп на претседателските избори во 2016 година. Кушнер пак, дал лажни изјави на сојузни органи за неговите контакти со странски лица за да добие клиренс (дозвола за пристап до доверливи информации), што сепак го добил, по наредба на претседателот. Весникот наведува дека Иванка и Ерика пак можат во блиска иднина да станат предмет на истрага за прикривање милиони долари исплати за консултација на компанијата „Организација Трамп“ за избегнување да се плати данок. Се наведува дека по инаугарцијата на Џо Бајден во јануари, нeговото Министерство за правда може во одмазда да подигне обвиненија против блиските на Трамп, оние кои ја креираа неговата политика изминативе четири години. Според познавачите, предвремено бланко помилување, еден вид на имунитет од идни обвиненија или осуди, е крајно невообичаена практика во американската политика. Но сепак, има историски преседани. Претседателот Џорџ Вашингтон, на пример, на тој начин ги ослободил заговарачите на Востанието за виски во 1791 година. Најпознат е примерот кога претседателот Џералд Форд го помилува Ричард Никсон од сите негови незаконски акции како претседател. Додека, пак, Џими Картер, помилува илјадници Американци за незаконско избегнување регрутација за да не бидат пратени на фронтот во Виетнамската војна. Трамп ја користи својата надлежност за давање милост во случаи кои се поврзани со него лично или за луѓе кои имаат директен пристап до него преку пријатели или семејство. кб/ми/

Остани поврзан