• среда, 25 декември 2024

Љутков: Пошта ќе биде мултифункционален комплекс подготвен и за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“

Љутков: Пошта ќе биде мултифункционален комплекс подготвен и за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска посочи дека е донесена владина одлука да биде реновирана централната зграда на Македонска пошта. Како што најави, таа ќе има намена за мултифункционален комплекс кој што ќе биде подготвен и за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“ за 2028 година.

-Ние веќе разговаравме со амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, пред тој да замине од функцијата. Разговаравме неколку пати, бидејќи седум години имало тенденција Министерството за култура да ја преземе Пошта и таа да стане друг комплекс, односно да има друга намена. Разговаравме и со министерот за транспорт и врски Александар Николовски и донесовме одлука на Влада дека таа ќе биде реновирана и ќе има друга намена, ќе има намена за мултифункционален комплекс, изјави денеска Љутков за време на посетата на НУ Национална опера и балет, во одговор на новинарско прашање.

Како што рече, формирана е работната група и треба да почне да работи. Работната група е сочинета од претставници и од Европски комисија, од Министерство за транспорт и врски и од Министерство за култура и туризам.

На новинарско прашање во врска со креативните индустрии, Љутков најави дека ќе следува посебен конкурс, на кој што во моментов се работи и набргу ќе биде објавен.бт/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан