Љутков од Будимпешта: Потврдени нови иницијативи за соработка во културата и туризмот меѓу Македонија и Унгарија
- Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како дел од македонската владина делегација која денеска одржа втора заедничка седница со владата на Унгарија, имал средба со унгарскиот министер за култура и иновации Балаж Ханко.

Скопје, 4 март 2025 (МИА) - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како дел од македонската владина делегација која денеска одржа втора заедничка седница со владата на Унгарија, имал средба со унгарскиот министер за култура и иновации Балаж Ханко.
Како што соопшти министерството, на средбата била потврдена посветеноста за унапредување на културните и туристичките врски меѓу двете земји преку реализација на конкретни активности.
-Радува фактот што само неколку месеци по заедничката седница во Охрид, најголемите институции од областа на театарот во двете држави, Македонскиот народен театар и Националниот театар од Будимпешта, склучија Договор за соработка, врз чија основа во иднина ќе се реализираат заеднички продукции, ќе се разменуваат претстави и ќе се промовираат културата и уметноста на двете држави, рекол Љутков и изразил уверување дека е ова првиот од низата документи со кои ќе се регулира и ќе се унапреди соработката меѓу националните институции од двете држави.
Во тој контекст, се наведува во соопштението, планирана е и соработка во областа на оперската, балетската и во филмската уметност.
Љутков информирал дека наскоро, со потпишување на новата Програма за соработка со Министерството за култура и иновации на Унгарија, ќе продолжи успешната соработка која ќе биде основа за нови иницијативи во културниот и туристичкиот сектор.
-Во исто време, остануваме отворени за поддршка на сите иницијативи што ќе придонесат за продлабочување на културните врски и за зацврстување на соработката меѓу двете земји, како и за потпишување Меморандум за соработка во областа на туризмот, кој би вклучувал можност за развој на заеднички туристички рути кои ќе ги истакнат културното наследство и природните убавини на Република Северна Македонија и на Унгарија, изјавил министерот Љутков.
Со оваа средба, посочува Министерството, „двајцата министри ги потврдија своите заложби за континуирано зацврстување на соработката во културата, туризмот и во другите области од општествен интерес, со цел понатамошно збогатување на културната и туристичката размена и афирмирање на заедничките вредности и интереси“. хс/дма/
Фото: Министерство за култура и туризам