• четврток, 26 декември 2024

Ново откритие во „Тумба Маџари“, локалитетот ќе се прогласи за културно наследство од особено значење

Ново откритие во „Тумба Маџари“, локалитетот ќе се прогласи за културно наследство од особено значење

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Новото откритие на неолитскиот локалитет „Тумба Маџари“ – фигурина од типот на „Големата Мајка“, заедно со уште една амфора, се значајни предмети кои ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија на тлото на државата и даваат посебна ексклузивност на македонската археологија, историја и култура, порача денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Љутков, кој денеска го посети локалитет во „Тумба Маџари“ во Општина Гази Баба поради пронајдените откритија, информираше дека веќе е изготвен елаборат за валоризација на локалитетот и Министерството за култура и туризам ќе даде поддршка во заштита на културното наследство.

- За откритијата и нивното значење оставам да говорат експертите, за нас, како Министерство, од голема важност е што новите наоди ни укажуваат дека границите на локалитетот се прошируваат, а тоа значи дека истражувањата продолжуваат, изјави Љутков.

Тој напомена дека ќе дадат засилена поддршка на партнерскиот однос во грижата за локалитетот што речиси две децении заеднички ја негуваат Археолошкиот музеј и Општина Гази Баба.

- Жалам што годинава со археолошки истражувања се продолжува по десет години застој. Веќе е изготвен елаборат за валоризација на локалитетот и Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка во заштитата на културното наследство како наш врвен приоритет, додаде Љутков.

Тој рече дека овој локалитет ќе се прогласи за културно наследство од особено значење и „Тумба Маџари“, како дел од урбано Скопје, повидливо ќе се стави во функција на културниот туризам.

Арехолохот Елена Стојанова Канзурова, која денеска исто така го посети локалитетот, на новинарско прашање во што се состои вредноста во новооткриените артефакти, одговори дека ликовната интерпретација на жената, на родилката симболот на плодноста, неолитскиот вајар ја има претставено како големата мајка која е карактеристична за Тумба Маџари.

- Овде ликовната интерпретација на жената, на родилката симболот на плодноста неолитскиот вајар ја има претставено на сосема друг начин, единствен начин којшто го нема никаде на друго место во светот. Тој начин на ликовна интерпретација на овие жртвеници со претстава на големата мајка се карактеристични за Тумба Маџари. Културата на неолитот во Скопскиот регион многу се разликува од соседните култури од светските неолитски култури. Се надевам дека еден ден ќе се создадат услови овие претстави на големите мајки од Скопскиот и од Пелагонискиот регион, во соработка со Министерството за култура, да ги номинираме во УНЕСКО, за да добијат статус на светско културно наследство, рече таа. бт/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан