• среда, 25 декември 2024

Љутков: Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности

Љутков: Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Европското културно наследство е доказ за човечката креативност, упорност и стремеж кон подобра иднина. Зачувувањето на европското културно наследство значи да го зачуваме нашиот идентиет, да научиме од минатото, но и да ја цениме различноста што не обединува. Тоа е потсетник дека и покрај сите предизвици, Европа е простор каде што културата, историјата и креативноста продолжуваат да се развиваат во својот полн сјај, посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков на денешната конференција посветена на Европските денови на културното наследство која се организира во Скопје, по повод 70 години од прифаќањето на Европската конвенција за култура.

Љутков подвлече дека македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности, со вековна традиција, која ја отсликува нашата историја, уметност и духовност.

- Говорејќи за европското културно наследство, мислиме на цел трезор на непроценливи богатства, за свет од спомени, идеи и искуства, што го збогатува нашиот културен идентитет. Тоа богатство не е само збир од историски објекти, ументички дела или архитектонски чуда, туку нешто многу подлабоко. Тоа е колективната меморија на луѓето кои живееле, создавале и оставиле цивилизациски документи и ги споделувале своите животни приказни на европскиот простор, рече Љутков.

Според министерот, културното наследство е срцето на Европа, мост меѓу минатото и сегашноста кој не поврзува не само со нашите предци, туку и со луѓето од различните земји.

-Секогаш кога ќе се најдеме пред некаков артефакт од минатото, се чувствува таа длабока врска со нешто многу поголемо од нас самите. Тоа наследство е збир на вредности, традиции и идеи. Само се граделе тие идеи низ вековите, за да продолжат да живеат се додека ние постоиме, рече Љутков.

Тој потенцира дека зачувувањето на европското културно наследство значи да го зачуваме и нашиот идентитет, да научиме од минатото, но и да ја цениме различноста што не обединува. Тоа, како што рече, е потсетник дека и покрај сите предизвици, Европа е простор каде што културата, историјата и креативноста продолжуваат да се развиваат во својот полн сјај.

-Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности, со вековна традицијата која ја отсликува нашата историја, уметност и духовност. Нашите археолошки наоѓалишта, црковните споменици, традиционални обичаи и уметнички дела сведочат за културните врски и го претставуваат нашиот уникатен придонес во европската културна ризница. Усвојувањето на европската културна конвенција како документ има за цел да ја промовира културната соработка меѓу европските земји и да гу заштити заедничкото културно наследство. Европските денови на културно наследство се уникатна можност за сите нас, да се поврземе, да научиме и да ги поттикнеме идните генерации да го ценат и чуваат богатството што ни е оставено во наследство, додаде Љутков.

Тој ја потенцираше одлучноста на Владата и Министерството за култура и туризам за нивната посветеност во подобрување на секторот за заштита на културното наследство.

-Тоа е наш врвен приоритет и наша голема одговорност. Наша задача ќе биде засилено да работиме за унапредување, осовременување и кадровско доекипирање на овој сектор. Нашето културно наследство во светот да го покажеме и да го предадеме на идните генерации како симбол на нашата заедничка историја и надеж за иднината. Европското културно наследство е доказ за човечката креативност, упорност и стремеж, посочи Љутков.

Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков на конференцијата потенцираше дека овој ден е и повод за разговори насочени кон начините и мерки за поддршка на културниот сектор и за поттикнување на свеста кај институциите и креаторите на политики за важноста од вложување во заштитата на културното наследство.

-Особено ми е драго што како земја сме дел од културните настани со кои секоја година во организација на Советот на Европа и Европската Унија се одбележува една од најзначајните и најпрепознатливите прослави на културата низ цела Европа. Се радувам што денес имам можност на ваков настан да зборувам за држава која ја сакам, која ја претставувам во Европа, земја со големо културно и историско наследство. Овој ден е добра можност да се потсетиме за тоа кои се најдобрите начини да се поддржи културниот сектор и да се поттикне свеста за важноста од вложување во заштитата на културното наследство, додаде Трајков.бт/лв/

Фото: Кабинет на заменик министерка за европски прашања и МИА

Остани поврзан