• среда, 25 декември 2024

Љутков: Лидерството на младите е важна алка за културата како приоритет за остварување глобален мир

Љутков: Лидерството на младите е важна алка за културата како приоритет за остварување глобален мир

Скопје, 11 октомври 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Охрид се обратил на Форумот за културна дипломатија, организиран од Школата за млади лидери, под покровителство на поранешниот претседател на Северна Македонија, Ѓорге Иванов.

Како што соопшти Министерството за култура, говорејќи на темата „Младите лидери во меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир“, Љутков ги охрабрил младите, порачувајќи дека тие се двигател на иднината, тие ја имаат силата да донесат промени и да ја обликуваат иднината со визија и храброст.

-Лидерството не е титула, туку акција. Бидете храбри, верувајте во себе и инспирирајте го светот со вашата енергија, страст и решителност. Македонија како членка на Обединетите нации ја спроведува Агендата за одржлив развој за 2030 година, која признава дека мирот и безбедноста се предуслови за постигнување одржлив развој, но и дека одржливиот развој го обезбедува патот кон мирни општества. Младите се високо во оваа агенда. Потребни се итни мерки кои ќе обезбедат мир и хумани општества. Културата во овие процеси има едно од централните места. Таа мора да се стави во приоритетите на развојните политики зашто како белег на идентитетот на едно општество е често на удар, истакнал министерот.

Љутков посочил дека културата е особено ранлива категорија, но, од друга страна, културата е силно оружје за глобално обединување на човештвото.

-Токму таква сила има културната дипломатија што ја поседува таканаречената ’мека моќ‘ за создавање на врските меѓу државите. Нејзината цел е преку размена на уметност, на јазик и традиција да поттикне позитивни односи меѓу народите. Културната дипломатија овозможува поголемо разбирање и надминување на стереотипите, градење доверба и пријателски односи меѓу различни заедници, надминување на конфликтите од секаков вид. Затоа е неизбежна врската меѓу културата и глобалниот мир, рекол Љутков на темата на годинашната сесија на Школата за млади лидири.

Пред присутните панелисти од повеќе институции од светот и учесниците на Школата за млади лидери, Љутков им се обратил на младите велејќи дека светот е полн со неизвесност, но тој истовремено изобилува со потенцијал што мора да биде искористен. Затоа, додал тој, вештините и визијата на младите се алатките што можат да ја надминат неизвесноста и да ја претворат во можности.

Тој се осврнал на значењето на знаењето и на мудроста во процесот на созревање на младите, но ги охрабрил и во поглед на одржувањето баланс помеѓу личниот и професионалниот живот, стои во соопштението.

-Важно е да се сетите зошто сте започнале. Што е тоа што ве мотивирало да станете лидери? Кога ќе се вратите на таа основна мотивација, ќе ја најдете вашата сила повторно, истакнал Љутков на сесијата во Охрид.

Вториот форум за културна дипломатија на Школата за млади лидери, со тема „Младите лидери во меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир“, започнал со обраќањата на - Ивица Боцевски, специјален претставник на македонската Влада за време на унгарското претседателство со ЕУ, поранешниот претседател Ѓорге Иванов и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

На Форумот учествуваат високи претставници од земји од светот, од УНЕСКО, од Европскиот парламент, министри и амбасадори. нд/аа/

Фото: МКТ

 

 

Остани поврзан