• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Љутков: Заштитата на црквата во Трескавец е капитален проект, а Центарот за култура во Прилеп и театарот ќе бидат во функција за МТФ „Војдан Чернодрински“

Љутков: Заштитата на црквата во Трескавец е капитален проект, а Центарот за култура во Прилеп и театарот ќе бидат во функција за МТФ „Војдан Чернодрински“

Прилеп, 10 април 2025 (МИА) - Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на манастирскиот комплекс „Трескавец“.  

Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза.

-Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој, за почеток, обезбедивме 4 милиони денари.  Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата, истакна Љутков.

Овој комплексен проект ќе се реализира од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Република Грција, од Заводот и музеј –  Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежен факултет – Скопје. Денеска на Трескавец беа тимот од Центарот од Солун како и амбасадорката на Република Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду.

-Ова е наша втора соработка со стручни тимови од културното наследство. Првата е во Курбиново, а сега од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици заедно со стручните лица од Заводот и музеј Прилеп се работи на заштита на овој монументален споменик од културата, црквата во комплексот „Трескавец“. Бладодарност за соработката на сите стручни лица, рече амбасадорката Филипиду.

Директорката на Европскиот центар од Солун Флора изрази увереност дека ќе се заштити црквата и фрескоживописот од влагата.

Претходно, Љутков ги посети и црквата „Св. Благовештение“ и археолошкиот локалитет „Стибера“.

– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август.

Во врска со Центарот за култура „Марко Цепенков“, министерот информираше дека во најкраток рок ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.

-Во Центарот за култура „Марко Цепенков ги видов сите недостатоци кои ги посочи инспекторатот на Дирекцијата за заштита и спасување. Ова беше логично по долгогодишната негрижа. Направивме динамика. До понеделник ќе ги имаме конкретните предлози и решенија. Имаме план како да ги отстраниме овие недостатоци. Прво да го отвориме Центарот за култура, а потоа да пристапиме кон недостатоците кои ги има Театарот. Мојата намера да го посетам прилеп беше многу побрзо да донесеме решенија и до почетокот на МТФ „Војдан Чернодрински“ двата објекти ќе бидат ставени во функција, изјави министерот Љутков. ем/дма/

Фото:  Министерство за култура и туризам

 

Остани поврзан