• четврток, 19 декември 2024

Љутков во посета на МНТ: Во установата не се инвестирало седум години, за ова мора да има лична одговорност

Љутков во посета на МНТ: Во установата не се инвестирало седум години, за ова мора да има лична одговорност

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја посети Националната установа Македонски народен театар (МНТ), при што потенцираше дека оваа установа тенденциозно не се одржувала седум години. Напомена дека постојат повеќе проблематични точки, како што се балконите од левата и десната страна, но појасни дека ќе инвестираат фаза по фаза во подобрување на МНТ. Ова, како што рече, можеби ќе оди побавно, но поквалитетно. 

-Ситуација со овој распаднат театар можам да кажам дека трае седум до осум години. Иако се знаеле позициите дека некаде капе, некаде тече, некаде има проблем, и иако во текот на годините имало средства за поправки, тоа не се случило. Можам да кажам дека МНТ со тенденција се држел да изгледа во ваква очајна состојба. Тој е изграден со многу љубов. Актерите од МНТ добиле прекрасна зграда. Не велам дека немало пропусти во градењето, можеби имало пропусти, но од 2017 година па наваму морало да се интервенира, морало да се одржува. Ако вие не ги чистите олуците, ако не го одржувате кровот, тогаш ни се случува оваа ситуација и грда слика која што ја гледаме денес, изјави Љутков.

Во однос на буџетот којшто го има оваа национална установа, Љутков рече дека во 2017 година имало дури 14 милиони, а сега има едвај четири милиони денари за продукција. Според Љутков, систематски од година во година, продукциски и инвестициски се уништувала оваа институцијата.

-Не може сега да се очекува од нас, дека во рок од шест месеци ќе можеме да направиме чудо. Но, јас ветувам дека од година во година и во делот на инвестициите, но и во делот на програмите, со менаџери какви што ги имаме денес, ќе го разбудиме „заспаниот џин легнат покрај реката Вардар“. Ќе им го вратиме сјајот на институциите. Можеби ќе оди побавно, но ќе биде квалитетно, додаде Љутков.

Тој потенцираше дека се детектирани неколку точки коишто се најпроблематични, тоа се балконите од левата и десна страна. Додаде дека со еден проект може да се средат клучните точки, и за ова не е потребно некоја претерано голема сума за инвестирање.

-Вие можете да ги затворите тие балкони, да ги застаклите и да го забраните дотокот на вода, таа е помала инвестиција. Поголемата инвестиција е во однос на штетата што е предизвикана од тоа што не било интервенирало на време. Затоа ќе одиме фаза по фаза, рече Љутков.

Тој е на ставот дека станува збор за несовесно работење и се надева дека ќе се најде главниот виновник. Љутков напомена дека одговорност за ова мора да има.

-Се надевам дека ќе се најде виновникот, но пак ќе кажам дека ова е несовесно работење. Ако вие имате обезбедено средства за инвестиции, а не инвестирате или ако ви се појави проблем, а не интервенирате, тоа значи дека несовесно сте си ја извршиле својата работа. Лична одговорност мора да има за оваа ситуација, рече Љутков.

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, изјави дека оваа работна посета е од големо значење, бидејќи во претходните седум години овој театар го нема посетено ниту еден министер за култура.

-Оваа работна обиколка е од проширен тип. Нам ова ни е важно, бидејќи не само што ќе ги утврдиме штетите настанати од претходните седум години, туку сме и во непосредна соработка во решавање на проблемите кои што ги имаме во моментот. Во однос на самиот објект, за жал состојбата е очајна. Најголемиот театар во Македонија е оставен да пропаѓа бавно, но сигурно. Ова е жално, независно од тоа кој го изградил театарот. Се работи за недомаќинско работење од страна на претходната власт, бидејќи со ова се покажува негрижа кон нашата верна публика, која е присутна секоја вечер. Нехумано и небезбедно е да влегуваат во објект кој што се распаѓа, рече Кимовски.

Тој информираше дека од неговото назначување до денес се реализирани три проекти - летната сцена „Славиша Каевски“, која е направена од сопствени средсва, а реализирани се и две премиери, копродукции.

Првата е„Бели ноќи“ од Ф.М. Достоевски во адаптација и режија на Ѕвездана Ангеловска, како и праизведба на македонска драма „Марта Верина“ по текст на Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ. Во моментот, како што рече, се работи на претставата „12“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов.

Кимовски додаде дека почнаа подготовките и за претставата „Замисли нов свет“. Тоа е колаж на делата од Горан Стефановски, во режија на Нела Витошевиќ.

На новинарско прашање до министерот каква е состојбата во другите театри во државата, тој одговори дека институциите Национална опера и балет, Филхармонија, МНТ и Театарот во Велес се во добра кондиција во однос на сценската технологија и технички опремени.

Тој рече дека проблемот со МНТ е несовесното работење, но овој театар, заедно со театарот во Велес, ја има најдобрата сценска технологија. Како што рече, другите театри или центри за култура се во очајна состојба.

-Се она што е инвестирано во тонска опрема, во светлосен парк или видео-бимови коишто се донирани за проекција на филмови, е всушност пред 2017 година. Од тогаш па наваму, има нула инвестиции во националните установи, рече Љутков.бт/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан