• недела, 24 ноември 2024

Љутков во Охрид: Културното наследство во очајна состојба

Љутков во Охрид: Културното наследство во очајна состојба

Охрид, 12 јули 2024 (МИА) – Културно-историското наследство во Охрид е загрозено,тоа е во очајна состојба, оставено на забот на времето. Недоволната грижа на државата изминатите години може да остави трајни последици на дел од културно-историските споменици и археолошки локалитети. Тоа го посочи министерот за култура, Зоран Љутков, кој денеска заедно со директорите на Управата за заштита на културното наследство и на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, како и стручните лица од таа институција беше во обиколка на некои од репрезентативните локалитети во градот.

Љутков пред медиумите рече дека при посетата било констатирана потребата од што поскоро отпочнување односно продолжување на градежните активности на локалитетот Плаошник, од причина, како што рече „што објектите веќе почнуваат да се оштетуваат од разни временски непогоди“.

- Поради досегашната скромна финансиска поддршка неопходно е да се обезбедат средства за изработка на Проект за конзерваторско – реставраторски работи и партерно уредување на целиот археолошки локалитет. Со што ќе се обезбеди континуитет во активностите и целосно согледување на археолошкиот локалитет, рече Љутков.

При обиколката била посетена и Куќата на Момирови која е во исклучително лоша состојба, со нарушена статичка стабилност и како таква претставува опасност за минувачите.

- Во Завод и музеј - Охрид веќе е изработен основен проект за конзерваторско – реставраторски работи, ревитализација и адаптација на Куќата во музејски простор каде би биле презентирани музејските предмети откриени при археолошките истражувања на Античкиот театар во Охрид. Меѓутоа поради одредени проблеми проектот не може да се реализира и затоа јас денес заедно со в.д. директорот Пaтчев остваривме работен состанок во Општина Охрид со градоначалникот Пецаков, а целта на состанокот беше да го забрзаме процесот и да ги откочиме проектите овде во Охрид. Тоа е носењето на 19 Детални урбанистички планови. За целосно откочување на проектите во Охрид надлежни се и други министерства и институции и јас во најкус период ќе иницирам одржување на заеднички состанок помеѓу сите субјекти надлежни за разрешување на реалниот проблем и изнаоѓање на соодветно решение, со што, голем број проекти ќе започнат да се реализираат, истакна министерот.

Вршителот на должноста директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Горан Патчев, изрази задоволство што во духот на интегрирана заштита сите субјекти најавиле напори за покренување конкретни активности за заштита на богатото културно наследство.

- Изготвена е годишна програма за аплицирање проекти финансирани преку Министерството за култура и како што рече министерот со заеднички напори и нивна помош истата ќе ја реализираме. Исто така направивме измена на Програмата за јавни набавки, преку итни мерки донесени се некои набавки потребни за санација на локалитетите „Плаошник“, „Заливот на коските“ и некои други објекти што се под наша надлежност, рече Патчев. Тој рече дека поголем дел од средствата ќе бидат насочени кон „Заливот на коските,“ како објект што остварува најмногу приходи.

Новоназначената директорка на Управата за заштита на кутурното наследство, Весела Честоева, од своја страна рече дека Управата како инвеститор од Владата, веќе доставила барање за ребаланс на буџетот за обезбедување средства со кои би се завршиле дел од активностите предвидени со Договорот за проектот „Плаошник“ склучен во 2011 година.

- Некаде околу 30 милиони денари се побарани од Управата со ребалансот за заокружување на активностите предвидени со тој договор, рече таа, притоа посочувајќи дека изминатите години се издвојувале смени суми за таква намена, средства недоволни за реализација на позначајни зафати. аб/са/

Фото: МИА

Остани поврзан