• среда, 18 декември 2024

Љутков: Во  претходните седум-осум години голем дел од проектите се делени „од ракав“

Љутков: Во  претходните седум-осум години голем дел од проектите се делени „од ракав“

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Министерството за култура и туризам ќе направи попис на книгите печатени од издавачките проекти до 2017 година и на сите сувенири произведени во рамки на проектот „Скопје 2014“ кои се чуваат по подруми и депоа. Извештајот ќе биде презентиран на седница на Влада за да се одлучи каде тие ќе бидат  распределени.

Министерот Зоран Љутков во гостување во Дневникот на ТВ Сител рече дека нивната дистрибуција била стопирана во 2017 година, кога СДСМ ја презел власта, и дека тој ќе се заложи тие книги да излезат на виделина.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештај за 2023-та што го објави пред три дена, наведе дека без попис и дистрибуција има стотици илјади примероци кои потекнуваат од 17 капитални проекти за печатење книги реализирани помеѓу 2009 и 2019 година. 

Љутков бил известен дека милион и пол книги од овие проекти се сместени во депоата во НУБ „Св. Климент Охридски“, а во Музејот на Македонија, рече, се складирани стотици илјади сувенири од проектот „Скопје 2014“.

-Без основ се затворени во депоата. До 2017 имало начин како тие книги и сувенири да се дистрибуираат. Но, во 2017-2018, при преземањето на власта од Социјалдемократскиот сојуз, стопирани се сите проекти. Имаме план, во наредниот период ќе добиеме извештај, бидејќи се пребројуваат сувенирите, и уште еднаш ќе направиме попис и на книгите, јас ќе поднесам информација на Влада и ќе донесеме одлука дали тие ќе одат во библиотеките, дали ќе одат како подароци... При првата посета на НУБ реков дека јас овие книги ќе ги извадам на виделина. Гревота е книги со таков квалитет, такви класици, таква белетристика, литература од секаков вид, да стои затворена, рече Љутков. 

ДЗР во објавениот извештај за работата на Министерството за култура во 2023 наведе и дека 318 милиони денари биле исплатени за културни проекти, без јасно дефинирани критериуми за распределба.

-Звучи страшно, веројатно таков ќе биде извештајот и до половината за 2024 година зашто ги имавме истите критики и за конкурсот што беше објавен во 2024. Бидејќи реално, во  претходните седум-осум години немаме јасно дефинирани правила и критериуми како се делат проектите од национален интерес и затоа сме реагирале дека голем дел од проектите се делени „од ракав“. И веројатно од тие причини извештајот е точен и конкретен, рече министерот.

За новиот Конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025, кој е во тек и трае до крајот на месецов, посочи дека точно ќе се знае кој за што може да конкурира зашто, рече, се поставени јасни правила и критериуми, бодување и се определени максималните суми. Нагласи и дека 18 дена по објавувањето на конкурсот, немало реакции за новините во начинот на финансирањето на проектите.

За да се контролираат дадените средства, проектите не само што ќе бидат избрани, туку ќе има и евалуација за реализацијата, а вработените во Министерството, како што рече, одблиску ќе го следат процесот. Наредната недела ќе ги објават и членовите на комисиите кои ќе ги одобрат проектите и понатаму ќе ги следат. хс/са/

Фото: принтскрин / ТВ Сител

Остани поврзан