• вторник, 24 декември 2024

Љубовните драми и некои од најтажните, најнеочекувани и најнепосакувани расплети

Љубовните драми и некои од најтажните, најнеочекувани и најнепосакувани расплети

Лос Анџелес, 29 јyли 2024 (МИА) - Реченицата „Секоја вистинска љубов е тажна“ најмногу се однесува на музиката што служи за лекување на љубовната болка - дома или на шанк... Но, понекогаш се однесува и на тажните љубовни филмови.

Следат 15 љубовни драми со тажен, неочекуван или непосакуван крај.

15. „Титаник“ (1997)

Режисер: Џејмс Камерон. Главни улоги: Кејт Винслет, Леонардо ди Каприо.

Кога измислена приказна се заснова на вистински трагичен настан од историјата, отприлика, крајот на филмот е, некако, и предвидлив. И според критиката, и според гледачите, сепак - заслужени 11 „Оскари“.

14. „Камил“ или „Дамата со камелии“ (1936)

Режија: Џорџ Кукор. Главни улоги: Грета Гарбо, Роберт Тејлор.

Иако е сниман далечната 1936 година, ова е дури шеста филмска адаптација на „Дамата со камелии“ на Александар Дима... Модернизирана верзија на романот, но и овде - кашлицата се појавува со причина...

13. „Ени Хол“ (1977)

Режисер: Вуди Ален. Главни улоги: Вуди Ален, Дајан Китон.

Уште еден „оскаровски“ филм за светот на циничните и невротични њујорчани, со приказна којашто нема јасен почеток и крај... Но, според познавачите, филмот како медиум служи за овековечување на големите идеи на големите автори и ова дело е токму такво.

12. „Писмо од непозната жена“ (1948)

Режија: Максимилијан Опенхајмер - Макс Офулс. Главни улоги: Џоун Фонтен, Луис Џордан.

Се чини, германскиот режисер, меѓу првите, го внесе европското расположение во „Златната доба на Холивуд“ создавајќи неколку брилијантни дела. Но, ниедно од нив, велат, не допре толку многу емоции како овој филм.

11. „Мостовите на округот Медисон“ (1995)

Режија: Клинт Иствуд. Главни улоги: Мерил Стрип, Клинт Иствуд.

Само режисерот Иствуд би помислил да го стави глумецот Иствуд во филм каде што нема каубојци, ниту филмски јунаци со пиштоли во поствоена приказна. Неговата партнерка во овој филм веќе беше ветеранка во жанрот драма, па целата приказна течеше како вода, со сѐ таа незаборавна сцена со автомобилот, кога таа вода и сѐ живо им застана в грло на гледачите.

10. „Љубовна приказна“ (1970)

Режија: Ерих Сегал. Главни улоги: Рајан О'Нил, Али Мекгро.

„Љубов е кога никогаш не мора да кажеш 'извини'“ - можеби некому му звучи како најглупавата реплика на светот, а и самиот О'Нил подоцна ја оцени како таква во друга прилика. Но, се чини, филмов ја направи оваа реченица безвременска.

9. „Д-р Живаго“ (1965)

Режија: Дејвид Лин. Главни улоги: Џули Кристи, Омар Шариф.

Многумина ќе речат дека нема ништо поболно од сцената кога Живаго ја гледа Лара во трамвајот, па трча по неа, па му попуштаат нозете, и на крајот, тој паѓа долу...

8. „Место под Сонцето“ (1951)

Режија: Џорџ Стивенс. Главни улоги: Монтгомери Клифт, Елизабет Тејлор.

Се чини, само краткиот живот на Монтгомери е потажен од крајот на „Место под Сонцето“.

7. „Напуштањето на Лас Вегас“ (1995)

Режисер: Мајк Фигис. Главни улоги: Николас Кејџ, Елизабет Шу.

За двајца кои ни Бог не би сакал, а ни човекот не би можел да ги раздвои - обично, алкохолот го прави тоа.

6. „На крстопат“ (1942)

Режија: Ирвинг Рапер. Главни улоги: Бет Дејвис, Пол Хенрајд.

„Џери, не ја бараме Месечината кога веќе ги имаме ѕвездите“ е уште една реплика којашто, во контекст на приказната, таа е прекрасна. Сепак, за двајцата филмски јунаци нема „полна Месечина“ на крајот од приказната.

5. „Празник во Рим“ (1953)

Режисер: Вилијам Вајлер. Главни улоги: Одри Хепберн, Грегори Пек.

На листава има и една љубовна комедија, којашто како и сите други од овој жанр - носи доволно љубов, радост и топлина. Освен на крајот.

4. „Остатоците на денот“ (1993)

Режија: Џејмс Ајвори. Главни улоги: Ема Томпсон, Ентони Хопкинс.

Платонската љубов на филмот може да успее ако е по малку навестена... Со неколку ситници што ќе ја направат уште посуптилна...

3. „Однесено со виорот“ (1939)

Режија: Виктор Флеминг. Главни улоги: Вивиен Ли, Кларк Гејбл.

И тука крајот не е така тажен, но доволно е горчливо доцното сознание за една жена, за тоа - кој е вистинскиот маж за неа? Па, има ли нешто попогубно, прашува порталот „Индекс“.

2. „Казабланка“ (1942)

Режисер: Мајкл Куртиз. Главни улоги: Ингрид Бергман, Хемфри Богарт.

Со толку многу жанрови, заплети и подробности, овој филм-„оскаровец“ е „најдобрата љубовна приказна без среќен крај“, според многу од познавачите.

1. „Кратка средба“ (1945)

Режија: Дејвид Лин. Главни улоги: Селија Џонсон, Тревор Хауард.

За разлика од второпласираниот, ова ремек-дело обработува само една тема - емотивниот однос меѓу двата главни лика. И тоа е толку суптилно, на пр., во тоа што Селија и Тревор не ја минаа ноќта заедно, а повеќе од јасно им е на двајцата дека не можат еден без друг...

Вон листата следат „почесни спомнувања“ на делата коишто не помалку заслужија да се најдат на списокот. Тука спаѓаат филмовите: „Збогум на оружјето“ (1932), „Афера во септември“ (1950), „Харолд и Мод“ (1971), „Бризи“ (1973), „Атлантик Сити“ (1980), „Дух“ (1990), „Англиски пациент“ (1996), „Свадбата на мојот најдобар пријател“ (1997), „Изгубени во превод“ (2003).  си/рп/

Фото: ИМДБ

Остани поврзан