ЈУ Национален парк „Пелистер“ со превентивни мерки за заштита на моликата
- На иницијатива на ЈУ Национален парк „Пелистер“, претставници на инспекторатот за животна средина, инспекторатот за шумарство, експерти и претставници на локалната самоуправа, јавно дискутираа за преземање конкретни превентивни мерки за заштита на моликата на планината Баба.

Битола, 26 февруари 2025 (МИА) - На иницијатива на ЈУ Национален парк „Пелистер“, претставници на инспекторатот за животна средина, инспекторатот за шумарство, експерти и претставници на локалната самоуправа, јавно дискутираа за преземање конкретни превентивни мерки за заштита на моликата на планината Баба.
Од ЈУ Национален парк „Пелистер“ информираа дека во појасот на најстарата моликова шума се појави растителна заедница на папрат и поради густината на папратот не може да има подмладок на молика, изјави Иванчо Тошевски, директор на ЈУНП „Пелистер“-Битола.
-Проблемот се решава без да се потиснува и без да се крие. Штетата што настанала на планината Баба по последните силни ветришта и големиот снег, не е за потценување и ние не сакаме тоа така да го оставиме. Со заедничка соработка почнуваме процес на зачувување на моликовата шума за што се потребни краткорочни и долгорочни мерки. Како ЈУ Национален парк „Пелистер“ на краткорочен план сами ќе се справуваме со новонастаната ситуација, а за долгорочните мерки ќе настапиме без импровизации и ќе користиме поддршка од експертите со конкретни заклучоци како сет превентивни мерки. Ние во овој период работиме на воведување шумски ред како примарна функција, а во наредниот период фазно ќе се решаваат проблемите кои се наталожени години наназад. Ако порано немало доволно храброст, јас мислам дека проблемите треба јавно и отворено да се зборува затоа што Пелистер треба да биде наш симбол на обединување, истакна Тошевски.
За време на јавната дискусија во Битола, експерите нагласија дека растителната заедница на папрат што се формира, но и на бука и ела како мешовита шума, во период од 20 до 30 години, ако не се преземат мерки, може да целосно да ја уништата моликата. мт/мд/
Фото: МИА