• среда, 25 декември 2024

Јуроп хаус го одбележува третиот роденден преку одбележување на културното наследство на Лазар Личеновски

Јуроп хаус го одбележува третиот роденден преку одбележување на културното наследство на Лазар Личеновски
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) - Јуроп хаус овој месец со низа настани и оддавање почит на културното наследство на македонскиот сликар Лазар Личеноски (1901-1964) ќе го одбележи својот трет роденден. Активностите за одбележување на роденденот на Јуроп Хаус, место кое промовира креативност и иновативност, како и демократски вредности меѓу младите, организирани заедно со Националната галерија имаат цел да ангажираат разновидна публика. Дел од нив ќе се одржат во Куќата-музеј на Лазар Личеноски. Програмата на настани, како што информираат од Јуроп хаус  вклучува отворен повик за млади дигитални уметници (на возраст од 18-35 години) поканети да ја понудат својата визија за следење на познатиот мозаик на отворено „Апотеоза на трудот“ на Лазар Личеноски кој ја прикажува еволуцијата на човештвото. Мозаикот го велича трудот кој е главниот фокус на претстојната Европска година на вештини во 2023 година. По отворениот повик ќе следи изложба на ликовни творби на студенти од Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Отворањето на изложбата ќе се одржи на 9 ноември од 12:00 до 14:00 часот во Куќата-музеј на Личеновски. Изложбата ќе остане отворена за јавноста од 12:00 до 14:00 часот секој вторник и четврток од 15 до 30 ноември. Видеото со современ танц во изведба на Андријана Данчевска и Дејан Битровски, снимено во Куќата-музеј на Личеновски, ќе биде промовирано онлајн од страна на Јуроп хаус - Скопје. Кореографијата на танцот се темели на џез композицијата „Фрагменти“ од групата Зулу 3.4, која неодамна доби награда за „Најдобри млади џез музичари“ на годишниот Скопски џез фестивал. На 17 ноември, во Јуроп хаус Скопје се одржи ликовна работилница за деца во организација на Националната галерија. На 23 ноември роденденската програма ќе заврши со започнување на низата #Разговори за културата во Јуроп хаус во Скопје со учество на претставници од владините институции, млади експерти од област на темата и Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија. Настанот насловен „Мисли напред – затоа што културата е важна“ има за цел да ја подигне свеста и вниманието за актуелните предизвици и можностите во културниот домен. На настанот ќе ѝ се оддаде почит на Вјоса Бериша (1972-2022), поранешна директорка на Јуроп хаус. Низата настани по повод одбележувањето на третиот роденден на Јуроп хаус почна на 4 ноември со презентација на ентериерниот и екстериерниот дизајн на новите Јуроп хаус, што ќе бидат отворени низ целата земја во текот на 2023 година. На презентацијата присуствуваа градоначалниците, претставници на општините и Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. -Во наредните недели ќе организираме неколку настани со учество на младите за да го одбележиме животот и делото на Лазар Личеноски, еден од најистакнатите сликари во историјата на државата. Поголемиот дел од овие настани ќе се одржат во Куќата-музеј на Лазар Личеноски со оддавање почит на неговото непроценливо уметничко дело и подигање на свеста за важноста од негувањето на културното наследство, изјави амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија Дејвид Гир на настанот организиран на 4 ноември. Целосната програма на настаните прочитајте ја овде. ац/аа/

Остани поврзан