• сабота, 28 декември 2024

Јунајтед сака да го продаде Антони, но има една пречка

Јунајтед сака да го продаде Антони, но има една пречка

Манчестер, 13 март 2024 (МИА) - Манчестер Јунајтед сака да се раздели со бразилското крило Антони во текот на летото, откако поранешниот играч на Ајакс не ги оправда очекувањата и се претстави под нивото. Во последно време, 24-годишниот фудбалер не е ни вклучен во плановите на менаџерот Ерик тен Хаг.

Бразилецот забележа само 8 минути против Евертон, а претходно 16 против Манчестер Сити. Во неколку наврати од почетокот на годинава остана неискористена резерва. Ова потикна информации дека „црвените ѓаволи“ се подготвени да слушаат понуди за Бразилецот во претстојниот преоден рок.

Да се ​​најде потенцијален купувач за Антони, кој пристигна на „Олд Трафорд“ за 85 милиони фунти, може да се покаже како тешка задача. Најмногу поради истрагите за семејно насилство против крилото. Скандалот околу Антони избувна минатата година откако неговата поранешна девојка го обвини за насилство во четири различни наврати, дури и додека била бремена. Фудбалерот ги негираше овие наводи и извесно време помина во својата татковина за да се справи со истрагите.

Во септември, Антони беше суспендиран од репрезентацијата на Бразил. А покрај неговата поранешна девојка, уште две жени го обвинија за насилство, но едната подоцна се откажа.

Полицијата на Манчестер заедно со службите во Сао Паоло продолжуваат да работат на случајот.

„Дејли телеграф“ пишува дека на Манчестер Јунајтед ќе му биде тешко да го продаде Антони доколку до летото не бидат отфрлени обвиненијата против него. Секако, дури и да се појави заинтересиран за Антони, неговата трансфер сума ќе биде значително помала и „црвените ѓаволи“ ќе бидат во голема загуба.

Антони постигна девет гола и асистираше на уште четири во 73 настапи за Манчестер Јунајтед. Сезонава во Премиер лигата сепак нема ниту гол ниту асистенција по 22 натпревари.

Според непотврдени информации, Бразилецот добива 200.000 илјади фунти неделно. Неговиот договор со клубот од Манчестер е до 2027 година. дс

Фото: Фејсбук/Манчестер јунајтед

Остани поврзан