• петок, 27 декември 2024

Јужнокорејски научници со фузија постигнаа 100 милиони степени во траење од 48 секунди

Јужнокорејски научници со фузија постигнаа 100 милиони степени во траење од 48 секунди

Сеул, 2 април 2024 (МИА) - Научници од Јужна Кореја објавија дека постигнале светски рекорд во експеримент, кога, при нуклеарна фузија, успеале да достигнат температура од 100 милиони Целзиусови степени и тоа траело 48 секунди. За споредба, тоа би било седум пати потопло од јадрото на Сонцето.

Постигнувањето на Истражувачкиот центар при Корејскиот институт за фузија и енергија се случило на тестовите од декември 2023. и февруари 2024 година. На овој начин, направен е уште еден чекор во развојот на енергијата што ќе се произведува со нуклеарна фузија. Научно кажано, фузија е спојување на два атома што севкупно ослободува огромни количества енергија. А, целта е постигнување на истата реакција што ги поттикнува Сонцето и другите ѕвезди - да светат.

Сето ова често се нарекува „свет грал“ за решавањето на климатската криза бидејќи фузијата има потенцијал да обезбеди неограничено количество енергија, без јаглеродното загадување што ја загрева планетата Земја. Но, нуклеарната фузија е исклучително предизвикувачка за науката.

Директорот на Институтот, Си-Ву Јун, истакна дека високата температура и плазмата со висока густина, во којашто реакцијата може да трае подолго време, се од витално значење.

Научниците истакнаа дека успеале да одржат таква температура користејќи волфрам наместо јаглерод. Следната цел, за до 2026 година, е да се одржат 100 милиони степени до 300 секунди. Она што го прават научниците во Јужна Кореја ќе придонесе за развој на Меѓународниот термонуклеарен реактор во Франција - ИТЕР.

Во САД во 2022 година, беше постигнато производство на повеќе енергија за време на нуклеарната фузија отколку што е потребно за самиот експеримент. Следниот рекорд во производството на енергија од фузија беше поставен во Оксфорд, каде што, во експеримент, за пет секунди биле произведени 69 мегаџули енергија, што е доволно за снабдување 12.000 домови.

Сепак, човештвото сè уште е далеку од комерцијализација на нуклеарната фузија.  си/сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан