• четврток, 26 декември 2024

Јужнокорејските лекари протестираат поради најавата за зголемување на бројот на студенти по медицина

Јужнокорејските лекари протестираат поради најавата за зголемување на бројот на студенти по медицина

Сеул, 15 февруари 2024 (МИА) - Стотици јужнокорејски лекари протестираа денеска во Сеул и други градови поради планот на владата да го зголеми бројот на студенти по медицина.

Во Сеул за време на маршот носеа транспарент „Со живот се спротивставуваме на зголемувањето на бројот на студенти по медицина без согласност на медицинските работници“.

Лекарските здруженија тврдат дека зголемувањето на бројот на студенти по медицина за две илјади од 2025 година е премногу ненадејно.

Наместо тоа, тие бараат расположливите ресурси да се искористат за зголемување на платите во здравството, кои според нив во моментов се прениски.

Владата вели дека на Јужна Кореја и требаат повеќе лекари, бидејќи е меѓу земјите кои имаат најмалку лекари во однос на бројот на луѓе, особено поради фактот што имаат сè постара популација.

Јужна Кореја, исто така, има една од најниските стапки на наталитет во светот, а има недостиг од лекари во клучните области како што се акушерството и педијатријата.

-Ако владата сака лекарите да работат во клучните сектори, треба да изгради мрежа за правна заштита и прво да ги зголеми платите на вработените лекари за тие сектори да не се чувствуваат под притисок да бидат тужени за несреќи или да бидат оптоварени со премногу работа, изјави поранешниот претседател на Корејското лекарско здружение, Џо Соохо.

Од 2006 година, годишно во таа земја се запишуваат 3.058 студенти на медицина.

Во претходните години, лекарите успешно се спротивставија на владините обиди да го зголеми бројот на студенти, дури и за време на пандемијата на Ковид-19. Медиумите во Јужна Кореја денеска пишуваат дека за време на овој протест лекарите нема да добијат поширока јавна поддршка. мс/

Остани поврзан