• среда, 18 декември 2024

Јужнокорејскиот премиер ќе работи „до последен момент“ додека се зголемуваат повиците претседателот да поднесе оставка

Јужнокорејскиот премиер ќе работи „до последен момент“ додека се зголемуваат повиците претседателот да поднесе оставка

Сеул, 4 декември 2024 (МИА) – Премиерот на Јужна Кореја Хан Дак-Су вети дека ќе му служи на народот „до самиот крај“ по серијата оставки и се почестите повици претседателот да поднесе оставка.

- Како премиер кој го надгледува кабинетот, ја преземам целосната одговорност за сите настани што доведоа до овој момент, рече Хан во денешната изјава под наслов „Порака до народот“.

- Ќе работам со членовите на кабинетот до самиот крај за да му служам на народот. Од овој момент натаму, Кабинетот мора да ги исполни своите должности за да обезбеди стабилност на нацијата и секојдневниот живот на луѓето да остане непроменет, нагласи тој.

Шест јужнокорејски опозициски партии поднесоа предлог-закон со кој се бара импичмент на претседателот Јун Сук Јеол, јави новинската агенција Јонхап.

Предлог-законот беше поднесен до Националното собрание, законодавниот дом на земјата, во 14:40 часот по локално време.

Шесте партии, вклучително и главната опозициска Демократска партија, одлучија заеднички да предложат иницијатива за отповикување на Јун по широката реакција низ политичкиот естаблишмент поради неговата краткотрајна уредба за воена состојба.

Предлог-законот се очекува да биде предложен на пленарната седница на Националното собрание в четврток, а гласањето ќе биде закажано за петок или сабота.

Според уставот на Јужна Кореја, импичментот треба да биде предложен од мнозинството во парламентот и одобрен од две третини од сите пратеници.

Предлогот потоа ќе оди до Уставниот суд, еден од највисоките судови во Јужна Кореја, заедно со Врховниот суд. Според Уставот, најмалку шест судии мора да се согласат да се продолжи со импичментот.

Според Уставот на Јужна Кореја, претседателот ќе биде суспендиран од вршењето на својата должност за време на процесот додека не заврши постапката за импичмент.

Во тој период премиерот се вклучува како привремен лидер.

Шефот на кабинетот на Јун и повеќе од 10 високи секретари на претседателот веќе поднесоа оставки. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан