Јужна Кореја начелно се согласува со претседателските избори на 3 јуни по соборувањето на Јун Сук-јеол
- Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја Хан Деок-су и претседателот на изборната комисија на Јужна Кореја начелно се договорија претседателските избори да се одржат на 3 јуни, но конечната одлука за ова прашање се уште не е донесена.

Сеул, 4 април 2025 (МИА) - Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја Хан Деок-су и претседателот на изборната комисија на Јужна Кореја начелно се договорија претседателските избори да се одржат на 3 јуни, но конечната одлука за ова прашање се уште не е донесена.
Оваа информација беше објавена откако претседателот Јун Сук-јеол конечно беше сменет од функцијата. Јун беше отстранет откако накратко прогласи воена состојба во декември, обвинувајќи ги некои јужнокорејски политичари за симпатии на Северна Кореја.
Одлуката за трајно отстранување на Јун од функцијата бара одржување на предвремени претседателски избори во рок од 60 дена.
Читањето на одлуката на уставниот суд, кое траеше 23 минути, беше директно пренесувано на телевизија. Со него, Уставниот суд ја потврди одлуката од 14 декември за отстранување на Јун од јужнокорејскиот парламент.
Судот рече дека постапките на Јун „ги прекршиле основните принципи на владеењето на правото и демократското владеење“.
Јун „изврши дејствија со кои беа погазени уставот и законот, особено со мобилизирање на војската и полицијата да ја попречат“ работата на парламентот, посочи претседателот на уставниот суд.
Според судот, соборениот претседател создал ситуација во која „била нарушена политичката неутралност на вооружените сили“.
Со своите „противуставни и незаконски дејствија“, Јун „ја изневери довербата на народот. Овие постапки се сериозно кршење на законот што не може да се толерира од гледна точка на заштита на уставот“, соопшти Уставниот суд.
-Навистина ми е жал и скршено срце што не ги исполнив вашите очекувања, рече Јун. Неговата партија излезе со негово соопштение дека ја прифаќа одлуката на уставниот суд.
„Длабоко сум им благодарен на сите што ме поддржуваат и охрабруваат и покрај многуте мои недостатоци“, додаде Јун. мс/