• среда, 27 ноември 2024

Јубилеј – 35 години Лекторат по македонски јазик на Шлезискиот универзитет во Полска

Јубилеј – 35 години Лекторат по македонски јазик на Шлезискиот универзитет во Полска

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Се чествува уште еден значаен јубилеј за македонистиката – триесет и пет години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, Полска. Универзитетски центар на кој македонистиката се изучува на сите циклуси на студии – од додипломските до докторските, при што има и докторанти по македонски јазик.

Од МСМЈЛК при УКИМ информираат дека заедничките заложби и планираните активности за уште поголема афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Полска, кои по почетокот на оваа академска година ги иницираа Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Факултетот за хуманистика во Сосновјец, веќе даваат конкретни резултати.

Јубилејот 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице ќе се одбележи не само со пригодна свеченост, туку со активности кои ќе придонесат за нови научни потфати на полските слависти и македонисти посветени на македонскиот јазик, литература и култура, значајни за натамошниот развој на полската македонистика. Во знакот на значајниот јубилеј, во Катовице, утре и задутре – 1 и 2 јуни, ќе се одржи и 11. Македонско-полска конференција со близу 30 ученици од полската и од македонската академска средина.

- Интересот на полската филологија за македонистиката датира уште од пред Втората светска војна и од пред кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Потврда за тоа се научните трудови на професорот Мјечислав Малецки, кој работејќи на терен се интересирал за македонските дијалекти, особено за дијалектите од солунскиот крај и како што ќе посочи и Блаже Конески, тој уште тогаш ги согледува специфичностите на македонската дијалектна група. Малецки, во еден од своите трудови, во 1938 година нагласува дека во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски или бугарски, би одговорил дека тие не се ниту српски, ниту бугарски, туку дека повеќето од нив ’припаѓаат на индивидуален дијалект’, посочувајќи на македонскиот јазик. Неговите ученици ги удрија темелите на современата полска македонистика, при што особено значаен е влогот на професорот Збигљев Голомб, со неговиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, посебно во балаканолошка перпектива. И оттогаш наваму, интересот на полката филологија за македонистиката е непрекинат, со изучување на македонскиот јазик во Сосновјец, Краков, каде Лекторатот по македонски јазик работи речиси половина век, Познањ, Ополе... Оттука, достојното чествување на овој јубилеј на еден од универзитетските центри во Полска на кои се изучува македонистиката е и морална и професионална обврска која ја имаме пред претходниците, кои ги воспоставија и заврстија македонско-полските академски и културни врски, токму преку интересот за македонистиката – врски кои ние сме должни да ги развиваме, нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во пресрет на чествувањето на јубилејот.

Меѓу најзаслужните за воспоставувањето и зацврстувањето на овие врски со полската филологија во периодот па XX век се и академиците Блаже Конески и Божидар Видоески, кој е и еден од првите директори на МСМЈЛК при УКИМ, како и  академиците – полски филолози, Влоѓимјеж Пјанка, прв лектор по полски јазик на УКИМ и Зузана Тополињска.

- Но, подеднакво, чествувањето на овој јубилеј со активности кои ќе отворат нови перспективи за полската македонистика е обврска и кон актуелните и идните генерации полски македонисти. Меѓу другото, треба да имаме предвид дека токму учесниците од Полска, и изминативе години се меѓу најбројните на нашите школи на кои им се овозможува продлабочувања на знаењата за македонскиот јазик, литература и култура. Тоа говори за значаен потенцијал за натамошен развој на полската македонистика и по повеќедециниското нејзино доегашно развивање со клучни научни остварувања за афирмација на македонската реч и мисла во меѓународната академска средина. Затоа упатувам срдечна благодарност до колегите од Факултетот за хуманистика при Шлезискиот универзитет, вклучително и до директорката на тамошниот Институт за русистика и славистика, проф. д-р Мирослава Михалска-Суханек, што не само што ги прифатија иницијативите за натамошни заеднички вложувања во развојот на полската македонистика, туку еве, со чествувањето на овој јубилеј, иницијативите веќе се остваруваат. Ама со решеност  да се продолжи и со други активности, затоа што и овој јубилеј обврзува да не се запре тука! Зашто јасна е нашата определба и цел иднината да ја создадеме во сегашноста. А тоа неминово подразбира и натамошни вложувања во перспективите за новите генерации полски македонисти, нагласува Мојсова-Чепишевска.

Инаку, на Конференцијата која утре и задутре ќе се одржи во Катовице ќе учествуваат знаменити полски македонисти и повеќе македонски универзитетски професори и истражувачи – македонисти и полонисти, но и истражувачи од новите полски и македонки генерации кои треба да ги градат новите мостови меѓу македонската и полската академска заедница.

Во изминатиот период, нови перспективи за македонистиката на Шлезискиот универзитет се создаваат и преку заеднички проект за модерни славистички студии, во кој покрај овој универзитет и УКИМ, вклучен е и чешкиот Остравски универзитет, а активностите се поддржани со програмата „Еразмус +“. Како резултат на овој проект, веќе ќе може да се очекува и зголемување на интересот за македонскиот јазик, литература и култура на вториот циклус студии на Шлезискиот универзитет. Проектот има за цел да се зголеми бројот на студенти на втор циклус студии преку интегрирани програми во кои се вклучени и македонскиот јазик, литература и култура. Ова и дополнително ја потврдува важноста на Лекторатот по македонски јазик во наставата на Шлезискиот универзитет, бидејќи меѓу другото, со наставата во текот на првиот циклус студии, токму тој може да овозможи поголема подготвеност на полските студенти за интегрираните програми на следното академско ниво и истовремено да биде клучна алка во успешното развивање на овие студии.

Во Полска, покрај во Сосновјец, Лекторат по македонски јазик активно работи и на Јагјелонскиот универзитет во Краков, отворен во академската 1974/75 година. Македонистиката се изучува и во Познањ, каде на Универзитетот „Адам Мицкјевич“, на Катедрата за словенска филологија, во академската 2000/01 година е отворена нова студиска група за славистичко-полонистички студии, во чии рамки македонскиот јазик се изучува како главен предмет. Во академската 1998/99 година, македонскиот јазик како втор предмет е воведен и на Универзитетот во Ополе.

Меѓу поистакнатите полски македонисти и слависти кои обработувале македонистички прашања се вбројуваат и светски познатите полски филолози: Кшиштоф Вроцлавски, Кшиштоф Козловски, Јан Соколовски, Лех Мјодински, Ева Жетелска Фелешко, Магдалена Богуславска, Ирена Савицка, Кажимјеж Фелешко, Маќеј Кавка, Ирена Кавка, Јоланта Сујецка и др. Но, особено значајно е што во полската академска средина веќе има и истакнати млади полски македонисти, кои се подготвени да продолжат по стапките на своите професори. Значаен дел од нив, изминативе години се и редовни учесници на школите на МСМЈЛК при УКИМ.

Оваа календарска година, покрај овој јубилеј во Полска, МСМЈЛК при УКИМ чествуваше и други два значајни јубилеи – 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Институтот за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз и 15 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека. Определбата на МСМЈЛК при УКИМ е преку активностите што се отваруваат во чест на овие јубилеи да се остварат нови перспективи за странската македонистика. дма/са/

Фото: МСМЈЛК при УКИМ

Остани поврзан