• недела, 24 ноември 2024

Јубилејни 50. Мајски оперски вечери

Јубилејни 50. Мајски оперски вечери
Скопје, 9 мај 2022 (МИА) - Со премиерна изведба на операта „Норма“ од Винченцо Белини, вечерва на сцената на Националната опера и балет ќе започне овогодишното 50-то јубилејно издание на Мајските оперски вечери. Празникот на Операта со традиција за почит и годинава ќе понуди врвни уметнички креации со учество на домашни и странски уметници. Покрај премиерата на операта „Норма“, која ќе биде репризирана и на 11 мај, на програмата се и оперите „Лучија од Ламермур“, балетот „Жизел“, „Турандот“ од Пучини, и во оф-програмата балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Традиционално музичко-сценската манифестација ќе биде заокружена на 31 мај со изведба на операта „Аида“ на Џузепе Верди. Директорот на НОБ, Васо Ристов, на прес-конференцијата по повод 50-те МОВ, истакна дека изминатите пет децении македонската културна сцена благодарение на оваа престижната манифестација, активно го живее месецот мај како центар на музичко-сценски случувања, претставувајќи платформа на која се презентираат современите музички вредности со настап на домашни и странски музички уметници. - Со изминувањето на годините, се повеќе и посигурно МОВ ги оставруваат проектираните цели и ја оправдуваат потребата за нивното постоење и одржување етаблирајќи се како ценета, престижна и меѓународно етаблирана музичко-сценска манифестација. И после двегодишната пандемија, НОБ успеа да го задржи својот континуитет и квалитете со оглед на предизвиците кои ги носат светската екононска, енергетска енергетската и безбедносната криза, рече Ристов. Уметничкиот раководител на Операта, Дејан Прошев нагласи дека за големиот јубилеј на оперскиот фестивал, се одлучиле отворањето на манифестацијата да биде со операта „Норма“, бидејќи годинава се одбележуваат 30 години од нејзината прва изведба во земјава, а последен пат на МОВ била изведена 1996 година. - Во „Норма“ настапува екипа од Италија, Србија и домашни солисти со кои по традиција ги отвораме вечерите, рече Прошев. Диригент на претставата е Енрико Довико од Италија, а режисер е Ренато Бонајуто, кој се зблагодари за, како што рече, доделената одговорност и чест да го отвори 50-то издание на Мајските оперски вечери, со македонските уметници со голем потенцијал. Во Операта настапуваат и првенките на НОБ, Благица Поптомова, која ќе ја изведе насловната улога, Сандра Митровска во улогата на Адалџи и Ѓорѓи Цуцковски како Полионе, кои на прес-конференцијата изразија задоволство што ќе бидат дел од отворањето на МОВ и предизвикот да настапат во една ваква добра продукција, вклучувајчи ја сценографијата и костимите. Дел од артистичката екипа се и Иван Томашев од Србија, кој ќе ја донесе улогата на Оровезо, Марика Поповиќ во улогата на Клотилде, како Флавио ќе настапи Дејан Стоев, а децата се Василиј и Стефан Дашиќ. Настапуваат хорот и оркестарот на Националната опера и балет. Сценографијата е на Флавио Арбети од Италија, кој е и автор на костимите во коавторство со Марија Пупучевска. Во рамки на одбележувањето на јубилејот ќе биде промовирана и монографија за манифестацијата како културен симбол на нашето општество, чиј автор е Александар Трајковски, а рецензент е Фимчо Муратовски, диригентот на операта „Цар Самоил“, првата претстава со која биле отворени Мајските оперски вечери во далечната 1972 година. вг/сп/

Остани поврзан