Јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп
- Јубилејниот 60-ти Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп, одлучи собранието на Фестивалот. - Во тек се подготовките и тимот активно работи Фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар, вели Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот. Ќе се одржува со мотото „Храбриот нов театар“, а автор во фокус е Дејан Дуковски
Прилеп, 6 февруари 2026 (МИА) - Јубилејниот 60-ти Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп, одлучи собранието на Фестивалот.
- Во тек се подготовките и тимот активно работи Фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар - вели Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот.

Фестивалот ќе се одржува со мотото „Храбриот нов театар“, а автор во фокус е Дејан Дуковски.
- За мене, овој јубилеј е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници, кои го создале фестивалот и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници - рече Стојаноска и додаде дека фокусот на фестивалот е да ја презентира современата театарска продукција во насока на создавање нова естетика.
Мотото на јубилејното издание е „Храбриот нов театар“, според насловот на денес култниот роман на Хаксли - „Храбриот нов свет“ од 1932.
- Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: „Храбриот нов театар“! Или „Надвор од кутијата“! Или ако одиме уште поактивно - „Театар без молк - свет без рамнодушност“ - објаснува Стојаноска.
За време на Фестивалот ќе се одржат промоции, дискусии, тркалезни маси по секоја претстава, а ќе се реализира и програмата „Драмолетање 2.0“. Посебен ден ќе биде издвоен за творештвото на авторот во фокус. За дизајнот на плакатот се погрижи Ема Велкова.
Покровител на Фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Фестивалот и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам и Град Прилеп.ем/вј/
Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“