• сабота, 23 ноември 2024

ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово летово собира зголемени количините на смет

ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово летово собира зголемени количините на смет

Куманово, 10 август 2023 (МИА) - Последниов месец за 30 проценти зголемени се количините на смет кои на дневно ниво ги изнесуваат екипите на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ Куманово, соопштија денеска надлежните. Зголемена е фреквенцијата на луѓе во Куманово во летниот период и зголемена е и количина на смет.

- Се вратија нашите иселеници и може да забележиме дека сега за 30 проценти е зголемена количина на смет во Куманово. Претходните месеци се собираа од 80 до 100 тони смет, сега од 120 до 140 тони, што на месечно ниво ќе се движи од 2.200 до 2.500 тони смет. Предизвик е изнесувањето на смет во пладневните и попладневните часови поради сообраќајниот метеж во градот во овој период од годината, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.

Во централното градско подрачје сметот се изнесува во три смени, одредени садови се изнесуваат и до четири пат во денот. Претпријатието ја очекува новата количина полуподземни контејнери која ја набави општината. Тие ќе се постават на фреквентни локации во близина на трговските објекти, маркети кои пак, поради зголемениот промет летово, прават поголема количина на смет. Претпријатието ги добило потребните дозволи за поставување на полуподземните контејнери, местата се одбрани и се во близина на големите трговски единици, маркети, станбени единици.

- Овие денови почнуваме со поставување на контејнерите. На овој начин ќе се скрати времето на собирање на смет, овие контејнери имаат капацитет за складирање на поголема количина и заменуваат неколку обични контејнери, вели Стојчевски.

Интенција на претпријатието е да се постават полуподземни контејнери насекаде во Куманово и сметот да се собира само во ноќните часови. Во првите шест месеци од годинава изнесени се вкупно 11 000 тони смет, најмалку во февруари 1.547, најмногу во јуни 2.039 тони. ам/ир


Фото: МИА

Остани поврзан