• недела, 24 ноември 2024

ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово доби повеќе средства за одржување на зелено цветни површини

ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово доби повеќе средства за одржување на зелено цветни површини

Куманово, 1 февруари 2024 (МИА) - ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово за тековната година доби 35 милиони денари за одржување на зелено цветни површини, од кои пет милиони за јавно прометни површини и метење, за зимско одржување осум, по два милиони денари за расчистување диви депонии и за хоризонтално обележување, соопштија денеска надлежните.

Најголемо зголемување во однос на претходните години, за десет милиони денари има во делот за одржување зелените површини.

- Тука се вклучени нови површини кои ЈП веќе ги одржуваше преку акции, нови кружни текови, зелени појаси долж булевари. И понатаму останува проблематичен делот кај колективните згради за домување. Ги повикувавме управителите да постигнеме договор и да се утврди начинот како ќе се грижиме за овие зелени површини, дали тие ќе ни плаќаат одредена сума за да ние се грижиме или пак самите да ангажираат свои луѓе останатиот дел да го преземе претпријатието, ама сè уште не е расчистена надлежноста, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Даниел Стојчевски.

Пет милиони денари остануваат за метење на улиците. Претпријатието има нова опрема, цистерни за перење на улиците, нови метларки, но има и намалување во делот на човечки ресурси. Сепак, поради зголемување на платите, програмата е на ланско ниво. Програмата за зимско одржување изнесува осум милиони денари, бидејќи претходно преку кредит доби и опрема. По два милиони денари или вкупно четири милиони се одвоени за расчистување на диви депонии и за хоризонтално обележување.

- Во односот на наплата имаме зголемување бидејќи има изградба и вселување на луѓе во нови згради. Наплатата изнесува 80 проценти, во минатото била околу 40 проценти. Главен проблем во делот на финансиите е фамозниот долг кое претпријатието го има од 2003, 2004, 2005 година, но тој уште се провлекува. Повеќе од половина од главниот долг ние успеавме да го вратиме за период од пет години. Она што претставува проблем на ЈП е висината на каматата која изнесува дури 90 милиони денари повеќе или милион и пол евра. Тоа се провлекува 20 години и некако не успеавме да најдеме начин како овој проблем да го решиме. Долгот е настанат бидејќи тогаш ЈП било должно да плаќа на државата 18 отсто ДДВ, но наплатата била 40 отсто и поради тоа настанал тој долг, вели Стојчевски.

Според него, важно е претпријатието да добие отпис на камата не и на главниот долг. Во однос на објавите на социјалните мрежи дека претпријатието ги користи плочките од малиот градски плоштад кој тековно се реконструира, Стојчевски е јасен, сето она што е заедничка сопственост треба да се искористи, а не да се исфрла како шут.

- Наместо ангажираната фирма да го исфрла како шут, ние сметаме дека може повторно да бидат употребени. Складирани се во наши простории, ќе се искористат за доуредување на одредени површини, кажа Стојчевски. ам/цр


Фото: МИА и ЈП „Чистота и Зеленило“

Остани поврзан