• петок, 27 декември 2024

ЈОРСМ: Извршен увид и обезбедени траги за вештачење од местото на убиството во Стајковци

ЈОРСМ: Извршен увид и обезбедени траги за вештачење од местото на убиството во Стајковци

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Од местото на двојното убиство во скопско Стајковци се обезбедени траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а по наредба на јавниот обвинител телата на починатите ќе бидат дадени на обдукција, соопшти државното Јавно обвинителство.

ЈОРСМ информира дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со инспектори и увидна екипа на МВР и тим од обдуценти од Институтот за судска медицина, извршиле увид на самото место во семејна куќа во селото Стајковци каде, како што наведува, попладнево едно лице ги лишило од живот сопствениот брат и сопругата на другиот брат, кој бил починат.

- Причините се утврдуваат. Сторителот е идентификуван и обезбеден. Тој е хоспитализиран со повреди, соопшти Обвинителството.

Министерството за внатрешни работи претходно потврди дека се убиени 64-годишниот В.К. и неговата 57-годишна снаа С.К.

Осомничен за двојното убиство е Љ.К.(67), брат на В.К., кој, како што информираше МВР, имал здравствени проблеми и бил пронајден со убодни рани од полицајци од Полициската станица Гази Баба и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.

Жртвите В.К. и С.К биле пронајдени со повреди на главата на тераса и на скали во домот во село Стајковци, за што било пријавено во СВР Скопје во 12:30 часот.

Лекар од Итна медицинска помош на местото констатирал смрт кај жената С.К., додека В.К. со повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде што починал во 14.00 часот.

Осомничениот Љ.К. бил пренесен за укажување помош во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски Скопје“.

Директорот на клиниката, д-р Љубен Арсенков, за МИА потврди дека е хоспитализиран пациент на околу 70 години со исеченици и површни повреди во предлот на левата страна на градниот кош и на главата. хс/лв/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан