• четврток, 26 декември 2024

Јордан Плевнеш добитник на наградата „Ратко Ѓуровиќ“

Јордан Плевнеш добитник на наградата „Ратко Ѓуровиќ“

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Македонскиот драматург и сценарист Јордан Плевнеш е добитник на наградата „Ратко Ѓуровиќ“. Станува збор за нововостановена меѓународна награда, што биенално ќе ја доделува Црногорската кинотека.

На свечената церемонија одржана минатиот викенд во Црногорската кинотека, под наслов „Балканофилмофилија Париз-Берлин-Вашингтон-Подгорица“, наградата на Плевнеш му ја врачи директорот на кинотеката Горан Бјелановиќ.

Во образложението на жирито во состав на проф. д-р Радослав Т. Станишиќ, Драшко Ѓуровиќ, режисер, и Јована Бојовиќ професор по драматургија и сценарио на ФДУ Цетиње, се вели дека првата награда со името на Ратко Ѓуровиќ се доделува на лауерат, кој е македонски хуманист и писател објавуван и игран во над 30 земји во светот, автор на повеќе сценарија за играни и документарни филмови посветени на легенди на светската култура.

Како што се наведува во образложението, неговото интерконтинентално присуство во уметничката и академската дејност е одбележано во водечките светски медиуми, како што се Њујорк Тајмс, Гардијан, Монд, Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, како и во водечки јапонски, кинески и руски медиуми.  

-Јордан Плевнеш е непоправлив идеалист и меланхолик, а Ратко Ѓуровиќ е непоправлив оптимист и колерик. Двајцата извонредни интелекуалци со широко образование и ерудиција. Ратко Ѓуровиќ ја формира првата катедра за сценарио и драматургија на Академијата за театар и филм во Белград, а Плевнеш е основач на Интернационалниот универзитет за аудиовизуелни уметности Еуропа Прима, се вели во образложението.

По доделувањето на наградата, во рамките на манифестацијата беа прикажани наградени филмови од Фестивалот на Југоисточна Европа, а со посебно обраќање на претседателот на меѓународното жири Фабрис Далмеида, наградата „Фредерик Росиф“ му беше врачена на црногорскиот автор Владимир Перовиќ.бт/лв/
 

Остани поврзан