„Јон Вардар против Галаксијата“ селектиран на филмскиот фестивал BAFICI во Буенос Аирес
- Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е селектиран на еден од водечките фестивали за независен филм во светот – BAFICI (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) 2025. Филмот ќе биде прикажан три пати пред фестивалската публика во Буенос Аирес, на 8, 10 и 11 април.

Скопје, 4 март 2025 (МИА) - Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е селектиран на еден од водечките фестивали за независен филм во светот – BAFICI (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) 2025. Филмот ќе биде прикажан три пати пред фестивалската публика во Буенос Аирес, на 8, 10 и 11 април.
-Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на John Vardar vs. the Galaxy е далеку од тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде секое чудовиште е повик на бегство од нормалното и прослава на лудото и необичното, напиша аргентинскиот филмски критичар, Мануел Рамирез.
Режисерот на филмот, Гоце Цветановски, за фестивалот рече дека многу го почитува поради неговата храброст да прикаже филмови што излегуваат од шаблоните.
-За нас, оваа селекција е како да сме испратиле балкански вселенски брод во срцето на Буенос Аирес. Горди сме што ‘Џон Вардар’ ќе има можност да се сретне со една отворена и љубопитна публика, каква што е аргентинската, вели Цветановски.
Фестивалот BAFICI (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка. Годинава ќе се одржи по 26-ти пат. BAFICI е познат по својата поддршка на авторскиот филм и по отворањето на нови хоризонти за независни продукции од целиот свет.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм.бт/са/