• сабота, 21 декември 2024

Јонузи за МИА: Прекинат штрајкот со глад на 213 осуденици од полуотвореното одделение во „Идризово“

Јонузи за МИА: Прекинат штрајкот со глад на 213 осуденици од полуотвореното одделение во „Идризово“

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Вкупно 213 осуденици од полуотвореното одделение во „К.П.У. „Идризово“ го прекинаа попладнево штрајкот со глад кој го почнаа изутрината, потврди за МИА заменик-директорот на установата Феми Јонузи.

Тој информира дека осудениците биле посетени од страна на Народниот правобранител, од тимови на Управата за извршување на санкции. Посочи дека на повредените осуденици постојано им се пружа медицинска помош.

Јонузи потенцира дека тимови на Управата за извршување на санкции разговараат со затворениците, вработените и управата на затворот за да се надмине проблемот и да се утврди фактичката состојба.

Осуденици од Казнено-поправната установа „Идризово“ вчера побараа средба со Народниот правобранител и со Хелсиншкиот комитет, а во спротивно, како што најавија ќе почнат штрајк со глад. 

Од управата на „К.П.У. „Идризово“ потврдија вчера дека до нив е стигнато писмо со најава за штрајк со глад. Во писмото се наведува дека штрајкот е поради осудениците кои беа повредени викендов при претрес во полуотвореното одделение. 

- Ние осудениците од Н.П.О-одд при К.П.У. „Идризово“ ве известуваме дека од утре, 31 октомври, стапуваме во штрајк со глад поради тешко повредените осуденици на кои не им се укажува лекарска заштита иако се со тешки телесни повреди како последица од полициската акција, се наведува во писмото. 

Министерството за внатрешни работи викендов соопшти дека при претрес во полуотвореното одделение во „Идризово“ се повредени 10 полицајци при судир со група затвореници кои пружиле отпор. При претресот, пронајдени се 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефон и дрога. фф/ац/

Фото: МИА/ Фејсбук на Феми Јонузи

 

Остани поврзан