• четврток, 19 декември 2024

Јолевски: Не можеме да елиминираме некого поради шпекулации во јавноста

Јолевски: Не можеме да елиминираме некого поради шпекулации во јавноста

Скопје, 12 јули 2023 (МИА) - Не можеме предвреме да речеме дека ќе елиминираме некого заради тоа што во јавноста се шпекулира поради нешто, не знам на кој начин би го вршеле тој дел како Совет, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, во врска со изборот на обвинителот Артан Ајро во Вишото јавно обвинителство Скопје.

За обвинителот Ајро во јавноста се шпекулираше дека ДКСК има отворено предмет за случај во кој неговата сопруга и неговиот брат се стекнуваат со голем личен бенефит, а како што рече Јолевски, Судскиот совет не може да се впушти во нешто кога нема завршена постапка со која би се укажало дека има пропусти.

Во однос на неизбирањето на обвинителката Ленче Ристовска во Вишото јавно обвинителство, претседателот на Советот изјави дека немале можност да ги проверат резултатите од нејзиното работење и дека таа би можела да се јави и на конкурсот во септември. Јолевски дополни дека кај обвинителката Ристовска периодов има недостаток на работа по предмети.

- Кај Ленче имаме недостаток на работа по предмети во овој период, зборуваме за различни предмети со кои би се сретнала и во Вишото обвинителство. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови на предмети, не само на одредена категорија во одредена област. Сепак, Специјалното обвинителство не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога, еден куп предмети кои ги работат во Основното обвинителство, а ќе треба да одлучува и за тие предмети. Тие беа специјализирани за најтешките дела, ама најтешките дела од областа на злоупотребата, појасни Јолевски.

Во однос на изборот на обвинителката Вилма Русковска, која не беше избрана за обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, тој рече дека тие не сакаат да прејудицираат со избор во повисоко обвинителство на кандидат за кој допрва треба да се решава по предлог за негово разрешување.

Како што информираше претседателот на Советот, во септември ќе бидат објавени огласи да се пополнат останатите места.

- Во септември ќе објавиме оглас повторно за да се допополни, да имаме и поголем број на кандидати. Во ред беше да имаме и овде кандидати, меѓутоа, сепак, една група на помлади обвинители не ги гледаме да се јавуваат а се добри обвинители, рече Јолевски.

Во врска со одлевањето на обвинители од Академијата за судии и јавни обвинители, тој кажа дека не ја знае причината зошто тие не се јавуваат на огласите.

- Јас инсистирав на времето и сѐ уште стојам на тој став дека кога ќе се објавува оглас за прием во Академија, да се објавува со конкретно име за обвинителство за да аплицираат во одредено обвинителство, бидејќи аплицирањето по виши подрачја нас ни го прави проблемот, затоа што Скопското Вишо обвинителство ја држи пола Македонија, и од каде и да доаѓаат обвинителите, се пријавуваат тука бидејќи сакаат да дојдат во Скопје, изјави Јолевски. 

Советот на јавни обвинители на денешната 82 седница избра 14 обвинители во Основното јавно обвинителство на Република Северна Македонија, Вишото јавно обвинителстово Скопје, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основните јавни обвинителства во Скопје, Гостивар и Кавадарци. ар/са/

 

 

Остани поврзан