• среда, 18 декември 2024

Јовчески: Прилеп го наследивме со 5 милиони евра долг, со добро менаџирање успеавме речиси да го исплатиме

Јовчески: Прилеп го наследивме со 5 милиони евра долг, со добро менаџирање успеавме речиси да го исплатиме

Прилеп, 2 декември 2024 (МИА) - За три години го стабилизиравме финансиското работење на општина Прилеп иако наследивме долг од 5 милиони евра, реализиравме клучни проекти од јавен интерес и го подобривме секојдневието на граѓаните, информира прилепскиот градоначалник Борче Јовчески за своето досегашно работење, соопштувајќи преку Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Јовчески речиси се исплатени обврските.

-Тоа ни овозможи да воспоставиме стабилна финансиска конструкција, со која обезбедивме основа за континуиран развој и подобрување на услугите за сите наши граѓани, вели Јовчески во обраќањето.

Направена е најобемната реконструкција на патната мрежа, рехабилитирани се над 80.000 квадратни метри улици и патишта во градот за што се издвоени 120 милиони денари, асфалтирани се улици и нови патишта во 15 населени места.

-Во областа на образованието, направивме сериозни инвестиции за подобрување на условите за учење на нашите деца. Инвестиравме над 60 милиони денари за реконструкција и модернизација на училиштата. За прв пат во општина Прилеп, воведовме бесплатни оброци за учениците од прво и второ одделение, за што издвоивме околу 8 милиони денари, а обезбедивме и стипендии за 20 најдобри студенти, како и за социјално ранливи категории студенти. Исто така, доделивме вредносни ваучери за ученици и наставници кои постигнаа успеси на државно и меѓународно ниво, нагласува Јовчески.

Засадени се над 5 000 садници за заштита на животната средина, исчистени се речните корита, депониите и градските зелени површини, а со поддршка на пратенисите се обезбедени 90 милиони денари за изградба на фабрика за рециклирање на отпадот.

-Реконструирани се 2,540 метри водоводна мрежа и се изградени нови канализациски линии. Инвестиравме во SCADA систем за мониторинг, што овозможува 24-часовна контрола на водоснабдувањето на целата општина. Еден од најзначајните проекти беше изградбата на водоводна линија до манастирскиот комплекс „Трескавец“, за што обезбедивме 3 милиони денари кофинансирање, како и изградба на нови хидротехнички објекти во Канатларци за што изградивме нова водоводна мрежа со инвестиција од 18 милиони денари, образложува прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.

Завршена е изградбата на новата детска градинка во населбата Точила, со капацитет за 250 деца, проект целосно финансиран од буџетот на Општина Прилеп со вкупна вредност од 133 милиони денари. За прв пат се исплаќа еднократна парична помош за секое новороденче во висина од 6.000 денари.

-Со поддршката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку повикот на Министерството за локална самоуправа продолжуваме со изградба на капитални проекти кои ќе донесат долгорочен напредок на нашата општина. Веќе со крајот на оваа година започнуваме со изградба на три капитални проекти за кои имаме добиено средства, а тоа се изградба на кружен тек на мостот Табана, изградба на улица „Победа“ и реконструкција на водоводни линии во централното градско подрачје, нагласува прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, информирајќи за тригодишната работа, соопштувајќи преку Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. ем/дма/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан