• четврток, 26 декември 2024

Јован Деспотовски со повик за дебата до противкандидатите за лидерската позиција во СДСМ

Јован Деспотовски со повик за дебата до противкандидатите за лидерската позиција во СДСМ

 

Ги повикувам уште еднаш сите кандидати за претседател на СДСМ да ми се придружат на јавна дебата на која ќе ги презентираме нашите идеи и конкретни реформи. Овој повик доаѓа како одговор на бројните барања од луѓето од цела Македонија со кои се среќавам и зголемениот интерес од медиумите.

Нема од што да бегаме, а само преку отворен и транспарентен пристап можеме на луѓето да им дадеме можност да бираат идеи и концепти, а не однапред сервирани решенија.

Охрабрувачки е да се види дека моите колеги активно ги промовираат клучните точки од мојата реформска програма, особено реформата со која се воведува директен избор на клучните луѓе на партиски позиции преку непосредни избори што го промовирав уште пред три години. Силата е во членството. Нема сервирање “готови кадри“ туку членството ќе бира кој ќе ги претставува. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето а не кон лидерот.

Гледам дека сега консензуално ги прифаќаат, па сметам дека на една јавна дебата треба отворено да видиме кој каков план има да ги спроведе, како и да си ги споделат и своите идеи за кои ќе се залагаат.

Јавното соочување е нешто за што секогаш сме се залагале и за кое секогаш сме имале храброст да го бараме од нашите политички противници. Со јавната дебата ќе покажеме дека сме отворени и посветени на фер процес, во кој информацијата, можноста, идејата ќе дојде до што е можно поширок круг на наши членови, а не само на тесен избор на партиски структури.  Процесот на избор на претседател на СДСМ е се освен прашање/право на затворен круг на луѓе.

Подготвен сум да се прилагодам на потребите на останатите кандидати во однос за форматот, времето и местото што ќе го одберат.

Со почит Јован Деспотовски 

фото:МИА архива 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан