• четврток, 26 декември 2024

Јовановски од ЗХГ: Се уште немаме конкретни мерки околу аерозагадувањето 

Јовановски од ЗХГ: Се уште немаме конкретни мерки околу аерозагадувањето 

Скопје, 29 август 2024 (МИА) - Од страна на Градот се уште немаме конкретни мерки околу аерозагадувањето, рече денеска Горјан Јовановски, во рамките на 51 седница на Совеотот на Град Скопје, кога на дневен ред беше иницијативата на советничката група на Зелен хуман град,  за преземање мерки за заштита на квалитетот на воздухот во Скопје произлезени од граѓанското климатско собрание на Скопје.

Тој, исто така, се осврна и на поставените компостари што биле покриени со пластика, наместо да компостираат отпад. 

- Од друга страна, Градот на многу места вели дека не е надлежен и дека други институции треба да постапат за одредени точки и ние се сложуваме. Беа наведени институциите што се засегнати заедно со градот. Градот доколку сака, може да започне соработка, иницијатива со овие други институции, аерозагадувањето не е проблем на една институција. Тоа е заедничка борба на сите.  Ако пет илјади луѓе, според последната проценка во Македонија умираат годишно од аерозагадување, мислам дека е во ред да не се вели дека се нема надлежност, нагласи Јовановски, барајќи конкретни чекори. 

Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров рече дека овој проблем треба да ги засега сите и соработката треба да биде мултисекторска. 

Независната советничка, Ирена Витина рече дека ја поздравува активноста на Јовановски, но, дека Градот и Советот не можат да наложат на одредени институции да преземат активности, туку може  да имаат и имаат иницијативи, како таа за предлог закон за комунална полиција. 

- Не можам да се согласам дека Градот Скопје не презема никакви ангажмани и иницијативи, подвлече таа. 

Претседателот на Советот, Трајко Славески рече дека постојано треба секој да го има на ум ова прашање во однос на квалитетот на воздухот, што ги засега сите. И да се продолжи максимум во иднина, со конкретни решенија и мерки. 

Советот го одобри предлог-планот за изменување и дополнување на планот на програмите за развој за периодот 2024-2026 година. Беше усвоен кварталниот извештај за извршување на буџетот на Град Скопје за 2024 година, за периодот од 01.01 до 30.06.2024 година.

На дневен ред на денешната седница на Советот на Град Скопје се и дополнителните програми за работа на Комунална хигиена за вработување на околу 120 лица и одлука за пренамена на средства за ЈСП со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси.  бд/аа/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан