• среда, 25 декември 2024

ЈКП Тетово: Временските услови периодов влијаат на водоснабдувањето, затоа има прекини

ЈКП Тетово: Временските услови периодов влијаат на водоснабдувањето, затоа има прекини

Тетово, 6 ноември 2023 (МИА) - Недостигот на вода за пиење е поради повеќе причини, а овој период од годината најмногу влијаат временските услови, образложија денеска од Јавното комунално претпријатие Тетово за прекинот во водоснабдувањето со кое се соочија викендов делови од градот.

Раководителот на работната единица Водовод и канализација, Љуљзим Шаќири, образложи дека поради заматување на водата која се зема од планинските реки, филтрирањето на тие количини трае со часови.

- Новиот водоснабдителен систем или Лешнички систем носи вода од 130 до 140 литри, но самиот се исклучува поради заматеност на водата што е предизвикано од интензивните врнежи од дожд, истакна Шаќири.

Тој додаде дека минималните количини коишто треба да го снабдуваат градот Тетово се 310 до 320 литра во секунда, но во моментот има само 210 до 220 литри.

- Кога индексот на заматување е над два, системот самиот се исклучува. Моментално заматувањето покажува индекс 14 така што ние ги губиме тие 130 до 140 литри квалитена вода од Лешнички систем. За поголемо заматување десет пати од нормално нема филтри кои ќе ја прочистат водата. Се прави испирање на испусни вентили, цевките ги чистиме од влезната вода од 22 километри цевковод со цевки од големина ф500. Периодот на испирање на цевките зависи од индексот на заматеност трае од осум до 12 часа и повеќе некогаш. Така е изграден системот тој е единствениот начин за решавање на проблемот, објасни Шаќири.

На новинарските прашања дали и за новиот водоснабдителен систем е потребно поинакво и подолготрајно решение, раководителот тврди дека годинава е овој проблем најизразен додека во 2022 и 2021 се соочувале со други проблеми како што се пукнување на цевките и изместување на трасата на цевководот.

- Ова е нешто ново годинава, затоа што хидрометереолошката состојба е таква. Денес е 11 месец, наместо да има ниски температури и да нема дожд, да има снег, тогаш нема да има проблем, туку проблемите се јавуваат кога има дожд, затоа што врнежите носат поројни рекички и притоки коишто носат и прават заматување на целата вода на отворениот систем. Лешничкиот систем е добар и функционален и нормално за потребните на градот произведува вода толку колку што се потребни кога е проектиран. Но сите се соочуваме со глобалното затоплување и не е нормално во овој период да имаме вакви високи температури. Врнежите од дожд се добредојдени, но во десетти месец, не во 11 месец. Особено кај старите извори каде пак произведуваат вода нешто повеќе и така немаме некои поголеми проблеми, рече Шаќири.

Според раководителот ако има вода и од новиот систем нема да има поголеми проблеми, но бара граѓаните коишто имаат постојано вода не ја трошат несовесно. За забелешките од граѓаните дека и до три дена немало вода, тој цени дека тоа не е поради водоснабдувачкиот систем туку внатрешен проблем пред сè во зградите.

- Ние се трудиме максимално да обезбедиме вода, од страна на граѓаните да има разбирање, таму каде што има можност да се заштеди вода. Рестрикции на вода нема да правиме затоа што тоа пак ни предизвикува проблеми во системот и се јавуваат дефекти поради надоаѓањето на водата. Страдаат згради кои немаат хидрофор, или пак имаат расипани или проблематични хидрофори. Три дена не може да нема вода. Три дена јас колку што знам се згради каде што има друг проблем, а не делот од водоснабдување. Проблемот е во самиот дотур, доток до становите поради затнати цевки, расипани хидрофори и слично, истакна Шаќири.

Покрај двата водоснабдувачки планински и речни системи, Тетово има и неколку бунари околу градот каде од длабочина на земјата се извлекува вода. ас/ сан/ 

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан