• среда, 27 ноември 2024

Ји: Кина сака да ја засили стратегиската соработка со Русија

Ји: Кина сака да ја засили стратегиската соработка со Русија

Пекинг, 9 април 2024 (МИА) - Кина сака да ја зајакне својата стратешка соработка со Русија, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на средбата во Пекинг со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Кина ќе го поддржи стабилниот развој на Русија под водство на Путин“, рече Ванг Ји.

„Пекинг и Москва ќе продолжат да ја зајакнуваат својата стратешка соработка на светската сцена и ќе си пружат сериозна взаемна поддршка. Народната поддршка е извор на напредок за Русија. Верувам дека под решително водство на претседателот Путин, рускиот народ ќе има светла иднина“, додаде кинескиот министер за надворешни работи.

Сергеј Лавров се заблагодари за поддршката што Пекинг му ја изрази на Путин по неговиот неодамнешен реизбор.

„Кинескиот претседател Си Џинпинг беше меѓу првите кои му честитаа на претседателот Путин и ние сме благодарни на нашите кинески пријатели за нивната поддршка“, му рече Лавров на Ванг Ји.

Тој истакна дека „Русија и Кина ќе продолжат да соработуваат во борбата против тероризмот“ и се заблагодари на кинеската страна за сочувството во врска со терористичкиот напад во московскиот регион на 22 март оваа година.

„Благодарение на нашите лидери, сеопфатните и стратешки односи на Русија со Кина достигнаа невидено ниво. Реизборот на Владимир Путин дава дополнителни гаранции за континуитет во сеопфатното зајакнување на овие односи“, истакна Сергеј Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи вчера пристигна во дводневна посета на Кина. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан