• сабота, 23 ноември 2024

Јеменските Хути: Одговорот на израелскиот напад врз Ходеида е неизбежен

Јеменските Хути: Одговорот на израелскиот напад врз Ходеида е неизбежен

Дубаи, 8 август 2024 (МИА) - Лидерот на јеменските бунтовници Хути денеска повтори дека ќе има одмазда за израелскиот напад на пристаништето Ходеида, кое е под контрола на неговата група, и нагласи дека таков одговор е неизбежен.

Одмаздата за нападот на 20 јули, чија цел беа инсталации во пристанишниот град на Црвеното Море, како одговор на нападот со беспилотно летало во кој загина Израелец во Тел Авив, „е неизбежна и ќе се случи“, рече Абдел Малек ал-Хути во телевизиско обраќање.

Во израелскиот напад на пристаништето, прв од ваков вид, загинаа девет лица во Јемен и предизвикаа штета од околу 20 милиони долари, според претставник на пристаништето.

Изјавата на лидерот на Хутите дојде во време на зголемени тензии на Блискиот Исток по убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија во Техеран и атентатот на воениот лидер на либанскиот Хезболах Фуад Чукр во Бејрут.

Лидерот на бунтовниците Хути рече дека времето што поминало од тие настани е „чиста тактика“.

Од ноември, Хутите извршија серија ракетни и беспилотни напади врз бродови за кои веруваат дека се поврзани со Израел во Аденскиот Залив и Црвеното Море, важна комерцијална бродска рута.

Хутите истрелаа ракети и врз израелските градови, од кои повеќето беа пресретнати.

Хутите објаснуваат дека го напаѓаат Израел во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа, каде што се води војната меѓу Израел и палестинскиот исламистички Хамас, предизвикана од нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври минатата година. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан