• четврток, 26 декември 2024

Јаревски: СДСМ и ДУИ одбија суштински амандмани за Законот за минерални суровини

Јаревски: СДСМ и ДУИ одбија суштински амандмани за Законот за минерални суровини
Скопје, 23 март 2022 (МИА) - Пратеникот од ВМРО - ДПМНЕ Тони Јаревски, денеска изјави дека на седницата на Комисијата за европски прашања вчера која траела до доцните вечерни часови, како пратеничка група предложиле амандмани на Законот за минерални суровини со кои бараат при давање концесии и дозволи за  испитувања да се бара согласност и од луѓето кои живеат на подрачјето на кое се врши експлоатацијата. Суштинските амандмани, како што рече, беа сите одбиени од стана на СДСМ и ДУИ. Тој потенцира дека амандманите предложени од ВМРО-ДПМНЕ се плод на соработката со стручната јавност, експертите, екологистите и невладините организации. - СДСМ и ДУИ докажаа дека ако треба ќе седат и цела ноќ кога се во прашање нивните бизниси односно поважни им се концесиите за експлотација на природните богатства од мислењето на граѓаните. Исто така, ужаснати се и од самата помисла на јавна расправа, транспарентност, информирање и инклузивност на јавноста во процесот за издавање на концесии за експлотација на минерални суровини, изјави во Собранието, пратеникот од ВМРО - ДПМНЕ Тони Јаревски. Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи, ќе продолжиме да ги браниме и останатите амандмани и ќе се бориме да ги ставиме интересите на граѓаните пред нивните криминални интереси. цр/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан