Јапонската SoftBank ќе инвестира 100 милијарди долари во САД во наредните четири години
- Директорот на SoftBank Масајоши Сон, и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, се очекува денеска да објават за инвестицијата. Тие треба да се појават заедно во Мар-а-Лаго, приватниот клуб на Трамп во Флорида.
Вашингтон, 16 декември 2024 (МИА) - Јапонскиот меѓународен холдинг SoftBank Group се заложи да инвестира 100 милијарди долари во разни технолошки проекти во САД во следните четири години, соопшти денеска „Волстрит журнал“.
Директорот на SoftBank Масајоши Сон, и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, се очекува денеска да објават за инвестицијата. Тие треба да се појават заедно во Мар-а-Лаго, приватниот клуб на Трамп во Флорида.
Јапонскиот интернет и телекомуникациски гигант проценува дека овие инвестиции ќе создадат 100.000 работни места фокусирани на вештачка интелигенција и нови технологии, и планира да го заврши проектот пред крајот на мандатот на Трамп во 2029 година, соопштија извори за весникот.
Не е јасно како SoftBank планира да ги финансира овие инвестиции. Глобалниот технолошки инвеститор располага со приближно 30 милијарди долари во готовина.
Обновата на економијата на САД и зголемени странски инвестиции беше една од главните теми во претседателската кампања на Трамп. Тој минатата недела изјави дека секоја компанија што ќе инвестира барем една милијарда долари во Америка ќе добие забрзана регистрација и дозвола за проектите.
Овие 100 милијарди долари инвестиции во стартапи се двојно повеќе од ветувањето на Сон дадено на Трамп во декември 2016 година, веднаш по првата успешна кампања на Трамп за влез во Белата куќа. Трамп тогаш го нарече Сон „еден од големите луѓе во индустријата.“
Ветувањето од 2016 година се заснова на обезбедени финансии од земји блискоисточни фондови за SoftBank Vision Fund, фонд за ризичен капитал, вреден 100 милијарди долари. Овој фонд, од кој голем дел беше инвестиран во САД, стана познат по бројните пропаднати инвестиции, како компанијата за канцелариски простор WeWork и неуспешните стартапи како Katerra (фокусирана на градежништво) и роботизирана доставка на пици.
Овие резултати одвратија некои странски инвеститори во фондот. Изданието смета дека SoftBank сега е пред предизвик да собере надворешни средства за да го исполни ветувањето дадено на Трамп за 100 милијарди долари инвестиции до 2029 година. кб/