• среда, 13 ноември 2024

Јапонската влада го одобри нацрт буџетот - драстично се зголемува трошењето за одбраната

Јапонската влада го одобри нацрт буџетот - драстично се зголемува трошењето за одбраната

Токио, 22 декември 2023 (МИА) - Јапонската влада на денешната седница го одобри новиот буџет за следната година со кој драстично се зголемуваат трошоците за одбрана во согласност со новата безбедносна стратегија усвоена пред една година од владата на премиерот Фуми Кишида.

Буџетот треба да биде одобрен од парламентот кога ќе се состане на почетокот на следната година, а нацрт-буџетот од 7,95 трилиони јени (50 милијарди евра) за фискалната 2024 година, која започнува во март, ја означува втората година од петгодишната програма за зајакнување на војската.

Јапонија, исто така, планира да потроши 43 трилиони јени (272 милијарди евра) до 2027 година за да ја зајакне својата воена моќ и речиси двојно да ги зголеми годишните трошоци на околу 10 трилиони јени (61 милијарда евра), со што Јапонија станува трет по големина воен потрошувач во светот, по САД и Кина.

Земјата, исто така, дополнително ќе ја зајакне војската со борбени авиони Ф-35 и друго американско оружје бидејќи јапонските трупи сè повеќе соработуваат со сојузниците и преземаат сè поофанзивни улоги.

Централно место во новиот буџет за 2024 година е зајакнувањето на воздушната одбрана, особено за заштита на југозападните острови на Јапонија во случај да избие конфликт меѓу Кина и Тајван.Од тие причини, претходно овој месец, јапонскиот министер за одбрана Минору Кихара објави одлука до 2026 година да се набават ракети Томахавк и Тип-12.

Официјални лица наведуваат дека ваквиот владин потег е резултат на фактот дека Јапонија се соочи со својата најтешка безбедносна ситуација во повоената ера, што исто така, ја наведе да ги засили заедничките воени вежби со САД, Австралија, Велика Британија и другите пријателски земји. Како земја која старее и има население кое се намалува од година во година, финансирањето на зголемените воени трошоци, како и обезбедувањето на потребниот персонал, воопшто не е лесно.

За да привлече што повеќе припадници на вооружените сили владата постојано ги зголемува платите, социјалната помош и другите услови.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан