• петок, 27 декември 2024

Јапонската амбасада донира четири нови апарати за Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас

Јапонската амбасада донира четири нови апарати за Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас
Скопје, 9 март 2022 (МИА) - Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас денеска доби донација од Јапонската амбасада во вредност од 1.316.190 денари, која се состои од четири апарати што ја помагаат рехабилитацијата на деца и возрасни со различни попречености. На денешниот настан на кој беше потпишан грант договорот, јапонскиот амбасадор во земјава Хиронори Савада истакна дека со овој грант им се помага на децата со аутизам, но и на возрасните со невролошки и мускулно-скелетни нарушувања. - Во рамките на иницијативата за Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја подржи Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој што е многу важно за интеграцијата во ЕУ. Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност е еден од столбовите на нашата стратегија за соработка. Поддржуваме проекти во секторот здравство, образование и животна средина во Северна Македонија. Со ова, јапонската поддршка само за оваа година ќе изнесува 825 илјади евра или вкупно 8,5 милини евра за 171 проект од 1996 година. Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ и да му обезбеди подобри услови, нагласи амбасадорот Савада. Првата дама Елизабета Ѓорѓиевска се заблагодари на амбасадорот кој, како што рече, излезе во пресрет и ги спозна потребите и барањето на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас. - Сите сме свесни колку е важно раното откривање и детекција на аутизмот и заради тоа сметам дека овие апарати кои се донирани денес од страна на Јапонската амбасада се важна опрема која ќе ги подобри условите во Заводот. Нашата соработка продолжува и на ниво на културниот сектор така што постои вистинско пријателство меѓу Северна Македонија и Јапонија, рече Ѓорѓиевска. Директорката на Заводот Силвана Филипова потенцира дека опремата ќе овозможи значително подобрување на квалитетот и ефикасноста на дијагностичко-рехабилитацискиот процес на пациентите кои во најголем дел се деца со развојни говорно-јазични нарушувања. - Заводот како установа се соочува со предизвикот да одговори на потребата на пациентите чија структура во последните години специфично се менува. Најголем дел од нив се деца кај кои се среќаваат главно потешкотии и развојни состојби како што се аутистичен спектар на нарушување, нарушување во сензорната интеграција, како и специфични говорно јазични нарушувања придружени со други состојби, рече Филипова. мс/сп/

Остани поврзан