• петок, 27 декември 2024

Јапонија и Северна Македонија имаат изградено многу цврсти врски во различни области, порача амбасадорот Савада по повод јапонскиот Национален празник

Јапонија и Северна Македонија имаат изградено многу цврсти врски во различни области, порача амбасадорот Савада по повод јапонскиот Национален празник
23 февруари 2021 Денес Неговото Царско Височество, Императорот на Јапонија го слави својот 61 роденден. Во Јапонија и насекаде во светот, ние го одбележуваме овој ден како Национален празник, вообичаено со свечен прием на кој се канат владините претставници, дипломатскиот кор, пријателите на Јапонија од сите области и јапонските граѓани. Со длабоко жалење ви соопштуваме дека состојбата со пандемијата на Ковид-19 оваа година не ни дозволува да славиме на тој начин. Затоа, ви ја испраќам оваа порака, со цел за да го одбележиме националниот ден и да го прославиме пријателството помеѓу нашите две земји, Јапонија и Северна Македонија. Пред сѐ, многу сум благодарен за топлиот пречек од страна на Владата и луѓето од Северна Македонија укажан кон мене и кон мојата сопруга. Ова е јасен знак за симпатиите на вашата земја за Јапонија и за надежите да ги зајакнеме нашите врски и во иднина. Од осамостојувањето на Северна Македонија, Јапонија и Северна Македонија имаат изградено многу цврсти врски во различни области, како што се политички дијалог, економска соработка, култура и образовна размена. Нашите односи значително се продлабочија по формирањето на Амбасадата на Јапонија во Скопје во 2017 година. По моето пристигнување, во ноември минатата година, имав плодни и значајни дискусии со Нивните екселенции, Претседателот Стево Пендаровски, Премиерот Зоран Заев, Министерот за надворешни работи Бујар Османи и други претставници на Владата на Северна Македонија за понатамошно зајакнување на партнерството помеѓу нашите земји. Јапонија го склучи „Партнерството за одржлива поврзаност и квалитетна инфраструктура“ со Европската унија. Ова партнерство се реализира во Северна Македонија во неколку различни сфери, како дел од „Иницијативата за соработка помеѓу Јапонија и Западен Балкан“. Во 2020 година, Северна Македонија се приклучи на НАТО, а Европската унија донесе одлука да ги започне преговорите за пристапување на земјата кон Унијата. Успешно надминувајќи многу пречки на патот, Северна Македонија сега оди напред кон европската и северноатлантската интеграција. Сметам дека напорите на земјата не придонесуваат само за нејзиниот сопствен развој, туку и за европската и за меѓународната безбедност и просперитет. Се надеваме дека нашата „Иницијатива за соработка со Западен Балкан“ ќе го истакне стабилниот развој на Северна Македонија и ќе придонесе за подлабока европска интеграција. Денес, светот е се бори против Ковид-19. За жал, многу луѓе ги изгубија своите животи. Имајќи предвид дека и Северна Македонија се наоѓа под истата закана, а со цел да ја поддржиме борбата на вашата земја против болеста, во октомври 2020 година, овозможивме грант-помош во износ од 100 милиони јени (813.000 евра) за набавка на медицинска опрема. Понатаму, во оваа фискална година, обезбедивме финансиска помош во вкупна вредност од 540.000 евра за десет проекти чија цел е набавка на медицинска опрема за здравствените установи во рамките на GGP Програмата за мали грантови за основни човекови потреби и човекова безбедност. Успешното организирање на Олимписките и Параолимписките игри во Токио ова лето, ќе биде доказ за надминувањето на пандемијата Ковид-19 во светски рамки. Се надевам дека Олимписките игри ќе го продлабочат пријателството помеѓу Јапонија и Северна Македонија уште повеќе. Градот Чигасаки во префектурата Канагава е „град-домаќин“ на спортистите од Северна Македонија. Чигасаки во моментов се подготвува за нивниот пречек, организирајќи настани за претставување на Северна Македонија во Јапонија. Се организираат изложби за животот на Мајка Тереза ​во локалните основни и средни училишта, како и фестивал кој ќе биде посветен на Северна Македонија. Дополнително, верувам дека учеството на Северна Македонија на претстојниот саем „EXPO 2025“ што ќе се одржи во Осака-Кансаи, ќе претставува идеална можност да ги продлабочиме односите меѓу нашите две земји. Вашата земја има богата култура, јазик и историја на народот. Различностите во неа ја прават исклучително впечатлива. Се надевам дека следната година ќе имаме можност да прославиме со физичко присуство, заедно со пријателите од оваа прекрасна земја, Република Северна Македонија. Хиронори Савада, Амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија _______________________________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан