• четврток, 26 декември 2024

Јапонија „загрижена“ поради најавата за кинески воени вежби

Јапонија „загрижена“ поради најавата за кинески воени вежби

Токио, 3 август 2022 (МИА) - Јапонија денеска изрази „загриженост“ поради најавата на Пекинг дека ќе преземе „целна воена акција“ како одговор на посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси на Тајван, вклучително и внатре во јапонската Ексклузивна економска зона.

„Поморската област каде Кина најави воени вежби од 4 август, исто така, ја вклучува и ексклузивната економска зона на Јапонија“, рече портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно. Токио ѝ ја пренесе на Кина својата загриженост за природата на воените вежби, кои вклучуваат употреба на боева муниција.
„Мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец се важни не само за безбедноста на нашата земја, туку и за меѓународната стабилност. Ставот на Јапонија отсекогаш бил дека прашањата поврзани со Тајван мора да се решаваат по мирен пат, преку дијалог“, рече портпаролот. На прашањето дали Јапонија ја поддржува посетата на Пелоси на Тајван, Мацуно одговори дека јапонската влада „не е во позиција да ги коментира меѓународните посети на Пелоси“. Тајванското Министерство за одбрана исто така изрази загриженост за воените маневри на Кина бидејќи тие навлегуваат во територијалните води на Тајван, но тајванската претседателка Цаи Инг Вен рече дека Тајван нема да отстапи. Посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом на Тајван го предизвика гневот на Пекинг, кој го смета островот за дел од својата територија и се спротивставува на секоја иницијатива која на тајванските власти им дава меѓународен легитимитет. Пелоси пристигна во Тајпеј доцна во вторникот на ненајавено, но внимателно следено патување, велејќи дека тоа ја покажува непоколебливата посветеност на САД кон самоуправниот остров за кој Пекинг тврди дека е дел од Кина. Пелоси треба да ја посети Јапонија на крајот на неделава. паг/  

Остани поврзан