• петок, 27 декември 2024

Јапонија донира над 57 илјади евра во село Батинци во Општина Студеничани

Јапонија донира над 57 илјади евра во село Батинци во Општина Студеничани
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) - Амбасадорот на Јапонија Хиронори Савада, учествуваше на церемонија за комплетирање на GGP-проект во Општина Студеничани, во рамки на Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност. Домаќин на церемонијата беше градоначалникот на Студеничани Азем Садики и директорот на основното училиште „Алија Авдовиќ“ Кенан Имери, соопшти Јапонската амбасада. Проектот за подобрување на училишната средина во основното училиште „Алија Авдовиќ“ во селото Батинци во Општина Студеничани, додаваат, овозможи училиштето да биде целосно обновено со нови прозорци и врати, со вкупен износ од 57.633 евра. Ова е прва донација преку Јапонската програма GGP за Општина Студеничани. - Во текот на посетата, амбасадорот Савада имаше кратка средба со градоначалникот Садики. За време на средбата тие разговараа да ја зајакнат соработката помеѓу Амбасадата на Јапонија и Општина Студеничани. Амбасадорот Савада го посети училиштето „Алија Авдовиќ“ во село Батинци, каде беше пречекан од страна на учениците и учителите кои ја изразија својата благодарност за донацијата од Јапонија, се вели во соопштението. Амбасадорот Савада изрази благодарност во име на јапонскиот народ за поддршката и пријателството на граѓаните на Студеничани. - Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 57 здравствени установи и обезбеди 31 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 49 општини, наведуваат од Јапонската амбасада во земјава. мс/лв/

Остани поврзан