• вторник, 03 февруари 2026

Јапонија додели два гранта за здравството и за противпожарната заштита во земјата

Јапонија додели два гранта за здравството и за противпожарната заштита во земјата

Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Во Амбасадата на Јапонија денеска беа потпишани два нови договора за грант во рамките на ГГП-програмата за мали проекти за човекова безбедност, со вкупна вредност од 81.956 евра. Грантовите се наменети за Универзитетската клиника за ендокринологија - Скопје и за Општина Свети Николе.

Амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара, истакна дека проектите претставуваат продолжување на долгогодишната соработка меѓу двете земји и придонесуваат за зајакнување на основните системи за здравствена и јавна безбедност.

- Со денешната церемонија сакаме да ги покажеме подготвеноста за понатамошно зајакнување на пријателството меѓу Јапонија и Северна Македонија и нашата континуирана поддршка за реформските процеси. Преку ГГП-програмата од 1996 година досега поддржавме 190 проекти во здравството, образованието и животната средина - рече Кавахара.

Првиот грант е наменет за набавка на нов ултразвучен систем за Клиниката за ендокринологија. Директорот на клиниката, д-р Ирфан Ахмети, нагласи дека новата медицинска опрема ќе придонесе за подобрување на дијагностиката и третманот на пациентите.

- Новата технологија ќе овозможи побрза и попрецизна дијагностика, подобро следење на ендокринолошките заболувања и поефикасно приспособување на терапијата. Клиниката годишно згрижува над 15.000 пациенти, а овој апарат значително ќе ги подобри условите за работа - изјави Ахмети.

Вториот грант се однесува на Општина Свети Николе за потребите на локалната Територијална противпожарна единица. Градоначалникот на општината, Дејан Владев, ја истакна важноста на донацијата за јавната безбедност.

- Донацијата на теренско противпожарно возило е значаен придонес во унапредувањето на безбедноста и заштитата на граѓаните. Ова возило особено ќе ја зголеми ефикасноста на нашата служба во руралните и тешко пристапни подрачја. Станува збор за поддршка која директно значи спасување животи и материјални добра. Општина Свети Николе високо ја цени соработката со Јапонија - изјави Владев.

Тој додаде дека пожарникарите во општината често работат во сложени услови и дека новото возило значително ќе ја подигне нивната подготвеност и оперативност.

Амбасадорката Кавахара изрази очекување дека двата проекта успешно ќе се реализираат и ќе придонесат за подобрување на условите за живот во локалните заедници.бк/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан