• четврток, 26 декември 2024

Јанчев: Општината дава позитивно мислење за изработка на студија од експерти околу рециклажен центар, не за изградба или отпочнување со работа 

Јанчев: Општината дава позитивно мислење за изработка на студија од експерти околу рециклажен центар, не за изградба или отпочнување со работа 

Кавадарци, 8 август 2024 (МИА) - Општината дава позитивно мислење за изработка на студија од експерти околу рециклажен центар, не за изградба или отпочнување со работа,  изјави попладнево кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Во изјава за МИА, тој даде објаснување за позитивното мислење до Министерството за животна средина, околу рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми. 

- Во врска со документот, со кој денес, некои поединци се обидуваат да направат уште поголема непотребна тензија, како и ширење на дезинформации, сакам да ја објаснам законската процедура , како и тоа за што се однесува даденото позитивно мислење што го дава Општина Кавадарци. Јас како градоначалник веќе втор мандат работам согласно сите закони и со голема транспарентност, така да нема никаква намера за ,,криење" на било каков документ и секогаш стојам зад мојот потпис, рече тој. 

Тој појасни дека согласно Законот за животна средина, Министерството за животна средина и просторно планирање,  кое е надлежно за водење и одобрување/неодобрување на студијата за Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми, се обратило до Општина Кавадарци односно до општината, каде се планира да се спроведува проектот на консултации, информации и побарало мислење во врска со известувањето за намера за изведување на проектот и утврдување на потребата од оцена на влијанието врз животната средина.  

- Согласно таквото барање, Општина Кавадарци дава позитивно мислење за изведба на проект односно подготовка на оцена на влијанието врз животната средина, од која треба да се утврди дали овој проект ќе биде причинител за загадување на животната средина, колку е безбеден за околината и дали ќе ги има сите потребни услови за правилно работење. Значи Општина Кавадарци со овој документ дава позитивно мислење за изработка на студија односно оцена, која ќе биде изготвена од експерти, која ќе ни покаже што всушност ќе значи работењето на овој рециклажен центар. Ова во никој случај не е позитивно мислење за изградба или за отпочнување со работа, затоа што Општина Кавадарци согласно законот нема ни право да донесе таква одлука, додаде градоначалникот. 

Тој го повтори вчерашното соопштение на оваа тема. 

- Општина Кавадарци заедно со претседателот на Совет на Општина Кавадарци Стојанче Рамов, советничката група на ВМРО- ДПМНЕ и јас како градоначалник на оваа општина, нема никогаш да дозволиме да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живееме, рече Јанчев. свд/цр


Фото : двата документа од Министерството и од Општината

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан