Јанчев: Кавадарци обезбеди велосипеди за бесплатно изнајмување
- Општина Кавадарци обезбеди велосипеди за бесплатно изнајмување, изнајмувањето започнува од утре, информираше попладнево градоначалникот Митко Јанчев, споделувајќи на својата Фејсбук страница, негова изјава дадена за регионалната КТВ телевизија.

Кавадарци, 14 април 2025 (МИА) - Општина Кавадарци обезбеди велосипеди за бесплатно изнајмување, изнајмувањето започнува од утре, информираше попладнево градоначалникот Митко Јанчев, споделувајќи на својата Фејсбук страница, негова изјава дадена за регионалната КТВ телевизија.
- Општина Кавадарци следејќи ги искуствата во светот, обезбеди околу шеесет велосипеди во одлична кондиција. Со одлука на Совет на Општина, ги дадовме на јавното претпријатие за градски превоз Кавадарци. На две локации, едната е до туристичкото информативно биро во строгиот центар на градот. Втората, до споменикот на 12 Ваташки другари, каде што има повеќе од шест километри велосипедска патека со можности за рекреирање, соопшти Јанчев.
Секој ден од девет до 21 часот ќе можело бесплатно да се изнајми велосипед, со личен документ за идентификација. Беше појаснето дека ќе било потребно да се потпише изјава од страна на лицето кое го изнајмува велосипедот. Како што беше кажано, целта е да се мотивираат луѓето помалку да користат автомобили, а едно полнолетно лице ќе можело да изнајми четири велосипеди, два за возрасни и два за деца. свд/дма/
Фото: МИА