• четврток, 26 декември 2024

Јанушев за обвинителката Стефанова: Во случајот со Мијалков заплени имот од 30 милиони евра, а наплатени се само околу 350 илјади евра

Јанушев за обвинителката Стефанова: Во случајот со Мијалков заплени имот од 30 милиони евра, а наплатени се само околу 350 илјади евра

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Игор Јанушев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и генерален секретар на Владата, во синоќешното гостување во поткастот „На кавга“ на „Канал 5“ телевизија, ги повика надлежните институции да се позанимаваат со имотот на обвинителката Лиле Стефанова.

Јанушев посочи дека има индиции за неправилности во врска со нејзината работа.

- Обвинителството барам, еве по допрен глас, нека го провери нејзиниот имот. Има различни муабети, но еве јас тоа го барам и јавно, рече Јанушев и потенцира дека се сомнева во неправилности.

- Еве нека го испитаат предметот во врска со тоа колкава наплата е направена од запленетиот имот на господинот Мијалков и дали тука има штета на Буџетот. Запленет е имот од 30 милиони евра, од тие наплатени се само околу 350 илјади евра и тоа се единствените запленети и истите кои тој повторно си ги купи, истата обвинителка, кажа Јанушев, рече дека Стефанова била обвинителка и во неговиот случај.

Тој се осврна и на неговите судски случувања поврзан со обвинувања од СЈО кои потоа ги презема обвинителката Лиле Стефанова која тогаш беше во Обвинителството за гонење на организиран криминал, а потоа или кон крајот на минатата година премина во Републичкото јавно обвинителство.

- Јас сум единствен кој е оштетен затоа што ми е ускратено правото да докажувам невиност. Доколку пресудата беше правосилна ќе можеше да барам правда во сите инстанци, а вака јас сега сум оштетен. Јас правдата сепак ќе ја барам пред Стразбур. Мислам дека апликацијата е веќе прифатена. Во обвинението кон мене, иако ме обвинуваа за пет милиони евра штета, не се спомнува сума, ниту финансиска штета за државата, потенцира Јанушев.

Тој апелираше до надлежните да го проверат имотот на некои судии, конкретно на судијата Осман Шабани.

- Нека го проверат имотот на судијата за мојот предмет, Осман Шабани. Или нека ја проверат неговата куќа во Сарај за која имам сериозни индиции дека е дивоградба. Нека го проверат и возилото кое го вози, рече Јанушев.

Тој укажа дека возилото може да се провери или види секој ден пред Апелацискиот суд.

- Возилото е паркирано со интересна „џемсбондовска“ регистарска табличка 001. За истото треба да се провери на чие име е пријавено и кој го вози, посочи Јанушев.

Инаку, судијата Осман Шабани беше судија во предметот за наводно фаворизирање на економскиот кинески оператор, а Јанушев беше осомничен како член на комисија во рамки на тогашното Министерството за транспорт и врски. Во предметот како што информираше Јанушев, за него не беше наведена ниту сума за која нанел штета на државниот Буџет, а ниту тој беше обвинет. ир/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан