• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски се сретна со Јанкуловска

Мицкоски се сретна со Јанкуловска

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Средба силна колку Горде. Неправдата никогаш не нè скршила!, напиша на „Фејсбук“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој денеска се сретна со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. 

Јанкуловска излезе од затворот Идризово користејќи го правото на викенд отсуство што е овозможено со измените на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи. Првпат, ова право Јанкуловска го користеше кога се донесоа измените на Правилникот. 

Средбата Мицковски-Јанкуловска следи по вчерашната Централен комитет на партијата, на кој биле реафирмирани ставовите кои беа изнесени во јавноста минатите денови, а тоа, како што беше наведено во партиското соопштение е дека ВМРО-ДПМНЕ го осуетила „планот на власта, на оската ДУИ - СДС и поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на нивно располагање, преку валкани дилови за причини само ним познати, а кои директно ќе одат на штета на македонскиот народ“. Централниот следуваше по јавните препукувања меѓу Мицкоски и поранешниот лидер Никола Груевски.

-Дополнително, се потврди силната кохезија која ја има пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, од почеток до крај сите 44 пратеници, во однос на неприфаќање уставни измени под бугарски диктат. Воедно, падна во вода и тезата која власта ја пласираше години наназад во јавноста дека партијата ја раководат други лица, затоа што различностите се очигледни денес, соопшти синоќа ВМРО-ДПМНЕ. 

Фејсбук препукувањата меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ почнаа откако Мицкоски во изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг" истакна дека  Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата и оти „за да издејствува уставни измени, Владата подготвува валкани дилови“. 

Прeписките продолжија и вчера, кога Мицкоски порача дека партијата никогаш не била покохезивна и изразувајќи згрозеност остро ги осуди наводите за „оската Ахмети-СДСМ-Груевски за обезбедување на пратеници“, а Груевски преку Фејсбук, одговори со контра напад, порачувајќи дека е цел на жестоки напади „во време кога Мицковски и Заев повеќе од половина година не ги негираа објавите на медиумите за нивна блиска соработка и заеднички планови“ и им порача на членовите на партијата, активистите и сите во раководството „да размислуваат со своја глава“ и дека има „многу начини да ја изразите лојаноста кон партијата без да станете дел од нечесни игри“.

Од СДСМ, пак на Мицкоски му порачаа „воопшто да не ја меша СДСМ во меѓусебната пресметка и сам да си ги решава кавгите“, а ДУИ тврди дека будно ја следи големата загриженост во редовите на ВМРО- ДПМНЕ и длабоките поделби што се појавуваат во битката меѓу интеграција и изолација. бак/ац/

Фото: Фејсбук статус на Христијан Мицковски

Остани поврзан