• четврток, 26 декември 2024

Јаневска – Ванделт: Дуалното образование по германски модел е голема придобивка за државата и ќе продолжи да се проширува

Јаневска – Ванделт: Дуалното образование по германски модел е голема придобивка за државата и ќе продолжи да се проширува

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) - Успешната соработка co АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори во странство ќе продолжи затоа што квалификувани кадри им се неопходни на компаниите што работат во државата, соопшти Министерството за образование и наука.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната средба со директорката на АХК Северна Македонија, Антје Ванделт, разговарала за проширување на моделот на дуално образование, но и унапредување врз основа на согледувањата од досегашната успешна примена.

Јаневска, како што соопшти МОН, нагласила дека младите се во фокусот на Владата и Министерството за образование и наука. Со германскиот модел на дуално образование, средношколците добиваат современо и квалитетно стручно образование, се градат кадри кои се енормно потребни на македоснкот пазар на трудот затоа, како што посочила Јаневска, заедно со партнерските компании, тоа ќе се надгради.

Министерството за образование и наука, во соработка со Бирото за образование и Педагошката служба, како што е наведено во соопштението, го интензивираат и процесот на носење нови учебници за средното стручно образование.

Честитајќи и на министерката за изборот на позицијата, директорката Ванделт истакнала дека АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори во странство е во постојан дијалог со германските инвеститори. Пред седум години започна воведување на дуално стручно образование по германски терк во македонската образовна програма.

Во меѓувреме 15 компании се партнери, како германски, така и македонски, но и други интернационални компании го сметаат германскиот модел како инвестиција за успех. Програмата се спроведува во осум градови во осум училишта. Повеќе од 450 ученици моментално се дел од програма за дуално стручно образование по германски терк. И во иднина синхронизација на системот на средното образование со потребите на пазарот на трудот останува како главна цел на двете на институции.

Како што истакнале соговорничките, очекувањата за натамошно зголемување на промотивните активности за придобивките од средното стручно образование, се од интерес како на учениците, така и на стопанството и државата во целина. дма/нд/

Фото: Министерство за образование и наука



Остани поврзан