• четврток, 26 декември 2024

Јаневска: Петте закони кои се во работна верзија очекувам на гласање да бидат во ноември

Јаневска: Петте закони кои се во работна верзија очекувам на гласање да бидат во ноември

Прилеп, 13 септември 2024 (МИА) - Петте закони што се во работна верзија: за основното, за средното, за средно-стручното образование, законот за образование на возрасни и законот за национална рамка за квалификации се очекуваат на гласање пред пратениците да се најдат во ноември, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска која присуствуваше во Прилеп на доделувањето на сертификати за комплетирање на основното образование за возрасни, одговарајќи на прашањата за законските регулативи во образовниот систем.

Петте закони се во работни верзии и се истакнати на веб-страницата на Министерството и им претстои јавна расправа.

-Овие закони се веќе готови и се ставени на јавна расправа. Јавна расправа значи дека секој кој има забелешка може да ја даде за ние да ја разгледаме. Доколку сметаме дека е прифатливо се разбира дека ќе биде вклопено во законот. Пристапно е до сите чинители кои го сочинуваат образовниот систем – наставници, родители, повозрасни ученици, администрација. Искрено се надевам дека и нашите странски партнери кои се информирале и кои ни помагале во многу нешта ќе ги погледнат тие закони, ќе дадат свои сугестии. Откако ќе заврши јавната расправа треба да ги погледне собраниската Комисија за образование и наука, треба да помина на Влада и потоа одат во Парламент на гласање. Гласањето очекувам да биде во ноември, истакна Јаневска.

Законот за основно е приспособување на законите за средно и средно стручно образование. Закон за средно стручно образование досега немавме, а е неопходен за да се дозаокружат процесите на учење преку работа и учење во дуални паралелки што е исклучително значајно за нашата држава.

-Исто така и закон за средно образование каде што знаете дека многу, многу долги години, повеќе од 20 години, немаме никакви промени а треба да ги направиме во правец на модернизација на нашето општество и приближување кон ЕУ. Сѐ ќе се регулира во средното стручно образование. Дополнително ги регулираме прашањата околу инклузијата. На повик е ранливи групи вклучувајќи ги и децата со посебни потреби. Ги регулираме нивното присуство во образовниот систем, образовните асистенти и се она што им е неопходно за да стекнат соодветно образование на нивните можности, рече Јаневска.

Што се однесува до законот за високот образование, процесот ќе трае подолго време и нема да биде готов оваа година.

-Законот за високото образование е голем и е обемен закон и е потребно подолго време. Ние почнавме да работиме, но во консултации со универзитетите, Интеруниверзитетската конференција, Националниот совет и него очекуваме да го имаме во некоја посериозна драв верзија или како предлог по Нова година, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешниот престој во Прилеп на доделувањето сертификати за заокружено основно образование на возрасни. ем/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан